Лабораторијата за животна и работна средина при Техничкиот факултет во Битола ќе се акредитира со пари обезбедени преку Министерството за образование. Акредитацијата е еден од седумте проекти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола од областа на научно-истажувачката дејност кои ќе бидат финансиски поддржани од државата. Тоа се главно проекти за опремување и акредитации на лаборатории.
Во лабораторијата на Техничкиот факултет подолго време се вршат мерења и научни истражувања од областа на заштитата на животната и работната средина. Се мерат бучава и загаден воздух и добивањето на акредитација ќе значи верификација на мерните методи што ги користат.
Професорите велат дека во Битола има различни загадувачи и не може да се каже кој е најголем.
„Во различни периоди од денот и годината имаме различни загадувачи. Ние ја мериме емисијата на цврстите честички ПМ10, 2,5 и 1 и се утврди дека има големи разлики кога е грејна сезона и кога не е. Има многу големи разлики во кој дел од денот и во кој дел од градот мерите, дали е сообраќајница, станбен дел или индустриски. Има повеќе загадувачи од сите области и не може да се каже кој е главен, варира тоа“, рече Владимир Мијаковски, професорот на Технички факултет.
Ж. ЗДРАВКОВСКА