ЛАЖНИ БИЛЕ ПРИЈАВИТЕ ЗА БОМБИ ВО УЧИЛИШТАТА ВО КАВАДАРЦИ

    ЛАЖНИ БИЛЕ ПРИЈАВИТЕ ЗА БОМБИ ВО УЧИЛИШТАТА ВО КАВАДАРЦИна електронската пошта на три основни и три средни школи во Кавадарци пристигнало предупредување за бомби. (Фото: СДК.МК)

    Антитерористички единици на МВР извршиле проверка и констатирале дека шесте пријави за подметнати бомби во училишта во Кавадарци се лажни. Утрово после седум часот, на електронската пошта на шест училишта во Кавадарци, три основни и три средни, пристигнало предупредување за поставени бомби. Учениците и вработените биле безбедно евакуирани.

    „Направени се сите потребни проверки по упатените закани по електронски пат, до училиштата во Кавадарци. Се работи за лажни пријави. направени се сите неопходни безбедносни проверки, претходно се евакуирани училишта. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.

    Евакуирани биле учениците од три основните училишта „Тоде Хаџи-Тефов“, „Димката Ангелов-Габерот“, „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, и подрачните училишта во селата Бегниште, Сопот, Марена, Возарци и Дреново, како и гимназијата „Добри Даскалов“, шумарското средно „Ѓорче Петров’“ и средното „Ќиро Спанџов-Брко“. Биле евакуирани и децата од клонот на градинка во село Марена, оти  се наоѓа до зградата на училиштето.

    „Сите закани биле со ист текст. Дури замолуваат да се испразни училиштето оти може да дојде до експлозија. И на крајот се заблагодаруваат. Очигледно е-маил кој треба да создаде страв и несигурност кај луѓето“, изјави Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци.

    Наставата во попладневната смена во  училиштата во Кавадарци продолжи непречено. Јанчев најави зајакнување на безбедносните мерки во училиштата и другите јавни институции во градот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира