ЛАЖНИ ДОЈАВИ ЗА ПОСТАВЕНИ БОМБИ НИЗ ОХРИД ВО ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ, УЧИЛИШТЕ И ХОТЕЛ

    ЛАЖНИ ДОЈАВИ ЗА ПОСТАВЕНИ БОМБИ НИЗ ОХРИД ВО ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ, УЧИЛИШТЕ И ХОТЕЛРодителите веднаш биле известени да не ги праќаат децата на училиште во ОУ „ Братство – Единство“. (Фото: СДК.МК)

    Рано утрово во Охрид два деловни објекти, едно основно училиште, еден хотел на брегот на Охридското Езеро и такси компанија добија дојави за поставени бомби. Заканите биле упатени по електронска пошта во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Деловните објекти се наоѓаат на улица 15 Корпус, а лажни дојави за експлозивни направи стигнале на адреса на еден од најексклузивните хотели на крајбрежјето и ОУ „ Братство – Единство“ Охрид. Родителите веднаш биле известени да не ги праќаат децата на училиште.

    „Дојдоа полициски службеници и ни рекоа да евакуираме, децата излегоа надвор, се направи малку паника кај децава и после добивме зелено светло да влеземе. Немавме ние лично дојава. Децата влегоа да си ги земат јакните, нормално беше што се створи мала паника, а децата од втора смена кои почнаа да доаѓаат ги враќавме. По протокол мора да се направи проверка од антитероризам, не беше завршена и затоа втора смена нема да има“, вели директорот Џемал Мехмед.

    Вработените пак од индустриската зона, каде се наоѓаат деловните објекти, утрово биле евакуирани, но за кратко продолжил работниот процес.

    По добиените пријави полициските службеници излегле на терен и се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите а по проверка на теренот констатирано е дека се работи за лажни пријави.

    Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски потврди дека утрово, околу 10 часот, се добиени пријави за наводно поставен експлозив на два деловни објекти, едно училиште, еден хотел и една такси компанија во Охрид.

    „СВР Охрид и припадници на единицата за антитероризам при МВР ги презедоа сите неопходни мерки, извршени се детални проверки на терен и преземени се други неопходни активности. Притоа констатирано е дека се работи за лажни пријави. СВР Охрид во координација со јавен обвинител продолжува со активности за целосно расчистување на настанот по што ќе бидат поднесени соодветни пријави“, вели Димоски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира