ЛЕГЕНДАРНИОТ „ШПАНСКИ ВОЗ“ ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕНЗИЈА И ЌЕ ВОЗИ ОД БИТОЛА ДО ПРИЛЕП ДОДЕКА НЕ СЕ ИЗГРАДИ АВТОПАТОТ

    ЛЕГЕНДАРНИОТ „ШПАНСКИ ВОЗ“ ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕНЗИЈА И ЌЕ ВОЗИ ОД БИТОЛА ДО ПРИЛЕП ДОДЕКА НЕ СЕ ИЗГРАДИ АВТОПАТОТИзработен во Шпанија и испорачан во април 1975 од Барселона во Скопје, „Шпанскиот воз“ по повеќе години во 2025 беше реновиран, доби нов дизјан, современа опрема и засилен безбедносeн систем, па беше искористен за изведба на новогодишна претстава во Скопје. (Архивска фотографија)

    Стариот легендарен „Шпански воз“ од поранешна Југославија, кој лани беше репариран, летово ќе вози на линија Битола-Прилеп и обратно за да го олесни сообраќајот меѓу двата града додека не се доизгради автопатот, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Железници-Транспорт, Дејан Кошутиќ. Возот ќе биде со капацитет околу 150 патници.

    „Возот е спуштен уште пред два дена. Неделава ќе се развозува во период кога не минува редовниот воз Скопје-Битола. ‘Шпанецот’ ќе води на релација Битола-Прилеп и обратно, делница која одамна машиновочазите не ја имаат возено со овој легендарен воз. Плус, во пелагонискиот крај површината е рамна и возот може многу да брка работа додека не се заврши автопатот“, ни рече Кошутиќ.

    Во тек е изградба на автопатот меѓу двата града, па патниот сообраќај се одвива отежнато. Оддалеченост од 40 километри сега се минува понекогаш и за час и половина.

    Првата гарнитура моторен воз беше изработена во „А.Ц.О.С.А.-М.Т.М.“ во Шпанија за тогашната Југословенска железница и ЖТП-Скопје, а беше испорачана во април 1975 од Барселона во Скопје. „Шпанскиот воз“ е еден од најпознатите што сообраќале во Македонија во времето на поранешна Југославија и бил многу омилен меѓу патниците зашто бил модерен и удобен. Возел на повеќе линии низ Македонија, а меѓу Скопје-Битола и како деловен Пелагонија експрес. Но, со годините застарел и бил повлечен од сообраќај. По повеќе години, во 2025 „Шпанецот“ беше реновиран, доби нов дизјан, современа опрема и засилен безбедносeн систем, па беше искористен за изведба на новогодишна претстава во Скопје.

    На прашањето колку години не беше во употреба, директорот Кошутќ вели дека „не е благодарно да се кажува“.

    „Имаме ситуација во која изминатите години била направена голема штета во Желзеници и не се вложувало, а ние сега се обидуваме да ставиме на располагање сѐ што имаме додека не се засилиме со нов возен парк“, вели Кошутиќ.

    Воведувањето на возната линија Приеп-Битола-Жабени и обратно ја најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски на 16 април, при посета на Битола.

    „Затоа, работиме со Македонски железници-Инфраструктура и транспорт најдоцна до јуни да пуштиме меѓуградски воз кој би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени. Оние кои имаат дневна потреба за патување меѓу овие два града, а и оние кои работат во индустриската зона Жабени, да го користат возот. Ќе одиме со промотивна цена за повратна карта од 150 денари, што е најевтино што може да се најде на пазарот имајќи предвид дека паркинг некој би платил повеќе, да не зборуваме за бензин за возило“, рече тогаш Николоски.

    По ваквите најави битолчани коментираат дека возот нема во голема мера да ги реши нивните маки за да стигнат до главниот град Скопје, за каде сѐ уште немаат целосно автопатско решение.

    „Ако патуваме за Скопје, а голем дел од битолачани на дневан основа го прават тоа, кажете што ќе ни помогне возот? Каде да ги качиме автомобилите, за кога ќе се симнеме од возот во Прилеп, да продолжиме со коли за Скопје?“, прашуваат битолчани.

    Жителите во изминатите години честопати имаа лоши искуства когa патуваа со воз за Скопје. Поради дефекти возовите  остануваа по пругите и се случуваше се патува со часови до Скопје. Така од Битола се патуваше по 10 односно 8 часа, наспроти редот на возење кој е 3 и пол часа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира