Обвинетите лекари од Струшката болница направиле сè за да ѝ го спасат животот на родилката од Дебар Јилдаз Веапоска, која при породување остана без три органи. Вака се изјасни вештото лице на одбраната при денешниот распит во Основниот суд во Струга.
Вештакот, професорот д-р Драге Дабески, гинеколог акушер и професор на Медицински факултет во Скопје, кој по барање на обвинетите изработи нов вешт наод, рече дека Веапоска била во животозагрожувачка состојба поради крварење на бубрежна артерија, но одлуката дали било неопходно да се отстрани бубрегот била на хирурзите.
Според него, првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, примениле најподобни средства при лекувањето, не направиле пропусти и спасиле еден млад живот.
Веапоска тврди дека обвинетите ѝ го упропастиле животот и од неа направиле инвалид.
„Во неговото вештачење појаснува дека докторите кои се обвинети ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и со тоа што ме оставиле половина чоек, но како ми го спасиле мојот живот кога мене ме пратиле за Скопје и повторно сум била принудена да влезам во операциона сала да се прави ревизија во скопските клиники? Мојата битка траеше 14 дена, бев во кома. Не знам како застанав на нозе и сум благодарна на лекарите на клиниката во Скопје, но не на овие доктори тука кои ми го упропастија животот, ме направија инвалид, жена која не можам повеќе да раѓам и не можам повеќе да имам деца“, изјави Веапоска.
Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, кажа дека постои само едно вештачење и тоа она направено во Институтот за судска медицина.
„Вештачењето на Судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата и скоро е невозможно поинаку да размислуваме. Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги презеле односно што не ги преземале. Верувам дека и самиот суд е заинтересиран да се утврди правата вистина во поглед на тоа како е возможно да бремена жена влезе здрава-права во операциона сала, а потоа да излезе без три органи. Тоа е мистерија која со пресудата ќе ја расчистиме. Доблесно е обвинетите да кажат колку се виновни за вадењето на органите“, вели Јанев.
По усогласувањата на вештите наоди од Судска медицина и она на одбраната ќе се одлучува дали ќе се прави и ново, супервештачење.
„Судијата постапува по Законот за кривична постапка, се сослуша и вештакот од одбраната и се побара да се усогласат и после тоа ќе се одлучува за дополнителни предлози. Многу е битно дали ќе се усогласат вештаците за да не се одолговлекува постапката, а дали ќе предложиме дополнителни докази зависи од тоа усогласување. Двете вештачења се со спротиставени тврдења, а потоа стои опцијата за супервештачење. Досега за третообвинетата не гледам никакви докази за вина“, вели адвокатот на Јованоска, Александар Новакоски.
ж
Ново судско рочиште е закажано на 23 април во 10 часот, на кое ќе бидат повикани судските вешти лица од првото вештачење.
С. ВРЕНЦОВСКА