ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ УЧЕА КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВААТ ВО СЛУЧАЈ НА ЕЛЕМЕНТАРНИ НЕПОГОДИ

    ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ УЧЕА КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВААТ ВО СЛУЧАЈ НА ЕЛЕМЕНТАРНИ НЕПОГОДИИнституциите имаа малку информации како да им помогнат на овие лица во ситуации на елементарни непогоди. - Од денешната обука. (Фото: СДК.МК)

    Лицата со попреченост и надлежните институции од Полошкиот Регион денес имаа обука како да ја зголемат отпорноста кон елементарните непогоди, како да се однесуваат и како да си помогнат при катастрофи од поголем размер. Вклучување на лицата со попреченост во намалувањето на ризици од катастрофи беше тема која досега воопшто не била опфатена, но и самите институции многу малку имаат информации како да им помогнат на овие лица во ситуации на елементарни непогоди.

    УНДП изготви Студија на политики во која била истражувана подготвеноста на оваа категорија лица, но и на институциите кога станува збор за успешно справување со природните катастрофи.

    „Студијата во себе опфаќа низа на активности, а една од активностите е подигнување на јавната свест за причината и за вклучување на лицата со попреченост во намалувањето на ризици од катастрофи. Таа ни кажа дека во нашата држава овој аспект не е вклучен целосно и лицата со попреченост се практично невидливи за системот за намалување на ризици од катастрофи. Досега многу малку активности се реализирани во тој поглед. Затоа ги претставивме и насоките како да се подобри оваа цел пред се преку вклучувањето на попреченоста во политиките на институциите од оваа област. Покрај ова ќе се презентираат основните правила за заштита и само заштита на лицата со попреченост во случај на природни опасности. Тоа е една новина и е дел од сеопфатните напори за градење на отпорност на заедниците и поединците во полошки регион“, вели Васко Поповски, соработник на проектот на УНДП.

    Во Студијата се опфатени специфични совети наменети за лицата коишто имаат попреченост во движењето, лица коишто имаат оштетување на видот, лица коишто имаат оштетување на слухот, лица со интелектуална попреченост и лица со широк спектар на аутизам.

    „Од таа студија на јавни политики излегоа голем број општи, но и специфични препораки од кои што сега се преземаат најразлични активности заедно со сите чинители, вклучувајќи ги и организациите за лица со попреченост. Во иднина очекуваме овие организации да се водители на овие процеси кога станува збор за прашање коешто се однесуваат на нивното секојдневно живеење, имплементација на нивните права, односно уживање на човековите права на еднаква основа со сите граѓани“, кажа Марија Трифуновска, специјалист за вклучување на попреченоста при УНДП.

    Невладините организации кои работат со лица со попреченост позитивно гледаат на една ваква активност бидејќи до сега оваа проблематика воопшто не била опфатена кога станува збор за лицата со попреченост.

    „Ова е многу добра иницијатива, бидејќи досега, колку што знаеме, оваа категорија на лица беше некако исклучена од овие настани. Не знам, најверојатно се сеќавате во оние последните поплави што беа во тетовското село Шипковица во 2015. Меѓу оние неколку луѓе што беа жртвите од поплавата беше и едно лице со попреченост, кое, кога надошла водата не можело да излезе од собата. Токму затоа оваа обука навистина многу ќе им користи на лицата со попреченост да се запознаат како да се справат со вакви елементарни непогоди. Знаете дека во Тетово често пати знае да се случи поплава, посебно во одредени делови во градот и верувам дека преку овие совети ќе знаеме како да се справиме со ваквите непредвидени состојби“, велат од Здружението за Церебрална парализа од Тетово.

    Едукацијата е дел од проектот „Отпорен Полог“ имплементиран од УНДП, а е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада со цел за градење на отпорност кон поплави и други природни опасности во Полошкиот Регион.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира