Eкипа на „Македонија пат“ со лопати и со цапање (газење) ги крпи ударните дупки на магистралниот пат за грчката граница кај Меџитлија. Тројца работници се возат со стар камион, во приколката на отворено седи еден од нив и на местатата каде има дупки со лопата тура ладен асфалт. Камионот ќе подзастане, работникот ќе слезе од приколката да ја дополни дупката, а му помага и колега кој се вози напред во камионо за да го израмнат асфалтот. Наместо валјак, патот го порамнуваат газејќи со патиките по асфалтот.
Крпењето е неопходно оти што од амортизираноста, што од студената и снежна зима, магистралниот пат за Грција е пронижен со дупки, дел длабоки како кратери. Од „Македонија пат“ зимава изјавија дека проблем им е стариот возен парк и дека механизацијата им е стара од 12 до 30 години. Подновување чекаат годинава.
Ветување за изградба на експересен пат од Битола до Меџитлија падна лани пред парламентраните избори. Тогаш министерот за транспорт и врски од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мислајловски најави дека ако ја добијат власта, годинава ќе започнат со градба на експресен пат од Битола за граничниот премин Меџитлија со четири ленти. Во проектот најави дека ќе се инвестираат 10 милиони евра. Тој најави дека ќе продолжи и изградбата на пругата кон Грција, но таа сѐ уште е стопирана зашто на работниците не им се исплатени парите.
Од грчка страна патниците ги чека солиден магистрален пат, без ударни дупки, како и железничка пруга која чека веќе неколку години да биде поврзана до онаа од другата страна на Меџитлија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА