ЉУТКОВ ВЕЛИ ДЕКА УНИВЕРЗАЛНА САЛА Е НЕЗАКОНСКИ ПРЕЗЕМЕНА ОД ГРАД СКОПЈЕ, ПОБАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ИСТРАЖИ

    ЉУТКОВ ВЕЛИ ДЕКА УНИВЕРЗАЛНА САЛА Е НЕЗАКОНСКИ ПРЕЗЕМЕНА ОД ГРАД СКОПЈЕ, ПОБАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ИСТРАЖИЉутков кажа дека ниту во договорот ниту во записникот од примопредавањето на документација помеѓу Град Скопје и Министерството за култура, не е опфатена ниту примопредадена целокупната документација која била потребна за да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за култура Зоран Љутков тврди дека преземањето на Универзална сала од Град Скопје е незаконски спроведено. Тој рече дека целата документација за случајот во кој Министерството за култура со претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска ја презеде Универзална сала заради изградба, е предадена во Обвинителството за да се истражи.

    По темелно и стручно прегледување на целокупната документација, процес кој траеше два месеца, извештајот е готов и фактите потврдени од професионалци и искусни правници, вработени во Министерството за култура и туризам, говорат дека Универзална сала е преземена од Град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка која е проблематична, со прекршувања на повеќе закони. Постапката е започната со Одлуката на Град Скопје како постапка за промена на инвеститор согласно член 70 од Законот за градењето. Склучениот договор од страна на Министерство за култура и Град Скопје, содржи контрадикторни одредби, не е заверен на нотар, не содржи таксативно кои права и обврски се предаваат и што всушност се предава. Исто така договорот помеѓу Градот Скопје и Министерството за култура, како и Решението за реконструкција од 22.03.2024 година издадено од Општина Центар, не се запишани во Катастарот на недвижности, односно во јавната книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на други стварни права на недвижностите“, рече министерот Љутков на прес-конференцијата за 100 дена Влада и работењето на Министерството.

    Љутков кажа дека ниту во договорот ниту во записникот од примопредавањето на документација помеѓу Град Скопје и Министерството за култура, не е опфатена ниту примопредадена целокупната документација која била потребна за да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала.

    Согласно ова, на Министерството за култура не му биле пренесени во целост правата и обврските согласно закон. Целокупната документација е предадена во Јавното обвинителство затоа сега нема многу да навлегуваме во детали до произнесувањето на надлежните државни органи“, рече Љутков.

    Во моментов се преиспитува дали постојната состојба има потреба од изработка на нова техничка документација по пожарот кој го зафати објектот во април.

    Одлуката за преземање на Универзална сала беше изгласана во Советот на Град Скопје во септември 2023.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира