МАКЕДОНКИ ВО СЀ ПОГОЛЕМ БРОЈ ОДАТ НА ПЕЧАЛБА ВО СЕВЕРНА ГРЦИЈА КАКО НЕГУВАТЕЛКИ НА СТАРИ ЛИЦА

    МАКЕДОНКИ ВО СЀ ПОГОЛЕМ БРОЈ ОДАТ НА ПЕЧАЛБА ВО СЕВЕРНА ГРЦИЈА КАКО НЕГУВАТЕЛКИ НА СТАРИ ЛИЦАВо последно време, сѐ повеќе се шири мрежата на негувателки од Битола кои негуваат стари лица во Северна Грција за месечна сума од 450 до 500 евра, при што немаат трошоци зашто им се обезбедени престој и храна; - Воден

    Протестите за името Македонија не ги попишманија македонските гурбетчии да одат на работа во Грција, ниту грчките работодавачи да ангажираат поевтина работна сила од Македонија. Во изминатите месеци, иако имаше протести од двете страни на границата, битолчани продолжија да работат како негувателки, работници, земјоделци и сточари во Грција.

    Во последно време, сѐ повеќе се шири мрежата на негувателки кои негуваат стари лица во Северна Грција за месечна сума од 450 до 500 евра, при што немаат трошоци зашто им се обезбедени престој и храна. Битолчанки вклучени во овој бизнис откриваат дека мрежата брои најмалку педесетина Македонки кои во Грција негуваат стари лица за пари.

    „Деновиве се вратив од Воден, каде што негував стара 80-годишна жена која неодамна почина. Нејзиниот син кој работи во Атина не можеше да отсуствува од работа и да ја догледа, а во дом не сакаше да ја пушти. Со мене стапија во контакт преку наши роднини, зашто и јас имам потекло од Егејска Македонија. Се нафатив да ја гледам жената за 500 евра месечно, при што престојував во нејзиниот дом. Пазарев храна, готвев и помагав да ја одржува хигиената и слично“, вели битолчанката Весна Јовановска.

    Таа вели дека семејства од северниот дел на Грција кои имаат потреба од негувателки за стари лица наоѓаат средовечни жени од Македонија за работа. На ваков чекор се одлучуваат зашто хонорарот што им го плаќаат на негувателките од Македонија е двојно или тројно понизок отколку оној што би го платиле ако ангажираат Гркинка. Негувателките се ангажирани на црно и нивниот работен ангажман не е пријавен. Бидејќи немаат дозвола за подолг престој или за работа, треба на секои три месеци да направат излез од Грција, а потоа повторно можат да влезат.

    Жени раскажуваат дека богати Грци имаат ставено и камери низ становите, па така преку ден ја контролираат работата на негувателките. Оние кои ќе се покажат, преку истата мрежа добиваат нова работа.

    Покрај негувателки, битолчани работат како земјоделци по плантажите во Грција, а некои и како сточари. Нема точна бројка, но во Битола се проценува дека најмалку двесте битолчани сезонски работат на плантажите во Грција. Преку зима се ангажирани околу обработка на овошните насади, а на лето со бербата. Ваквата работа носи дневница од 25 до 30 евра, а обезбедена им е храна и сместување. Тоа се претежно битолчани кои имаат бугарски пасош, а оние со македонски пасош можат да останат само три месеци, а потоа да направат излез-влез преку граница. Битолчани претежно работат на плантажите во селата околу Птолемаида, каде имаат сместување и два оброка дневно.

    „Завршив Економски факултет, а во Битола работев во фабрика за 12.000 денари, колку што се нуди за хигиеничари по приватни фирми. Парите не стигнуваа да ги платиме сметките и храната. Сега работам на фарма во Грција и ми плаќаат по 25 евра на ден. Тоа месечно е околу 750 евра. Четири пати повеќе отколку во фабриката“, вели 39-годишниот Диме Милевски.

    Битолчаните кои работат во Грција велат дека и покрај протестите за името, сѐ уште има интерес за ангажирање на работници од Македонија. Велат дека некогаш се сведоци на невкусни дофрлувања, но немаат посериозни проблеми.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА                                                                                                      

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира