МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ АД ТРАНСПОРТ ИМА ЗАСТАРЕН ВОЗЕН ПАРК, ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ВОЗОВИТЕ И ЛОКОМОТИВИТЕ СЕ ВОН УПОТРЕБА, ПОКАЖА РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ

    МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ АД ТРАНСПОРТ ИМА ЗАСТАРЕН ВОЗЕН ПАРК, ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ВОЗОВИТЕ И ЛОКОМОТИВИТЕ СЕ ВОН УПОТРЕБА, ПОКАЖА РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈМЖ Транспорт во 2024 година имал 62 локомотиви, од кои девет биле во функција, 16 патнички гарнитури, од кои пет биле во функција и 47 патнички вагони од кои два биле во редовен сообраќај.(Фото:СДК.МК)

    Македонски железници АД Транспорт има застарен возен парк на вагоните и локомотивите, кои се стари 40 години, покажува ревизорскиот извештај за 2024 година на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите утврдиле дека само мал дел од возовите и локомотивите биле во функција. МЖ Транспорт во 2024 година имал 62 локомотиви, од кои девет биле во функција, 16 патнички гарнитури, од кои пет биле во функција и 47 патнички вагони од кои два биле во редовен сообраќај.

    Од 1.382 товарни вагони, само 378 биле со важечка ревизија и способни за сообраќај, а со истечена ревизија односно надвор од сообраќај биле 1.004. Контролата се врши во зависност од видот на товарните вагони, но не повеќе од шест години помеѓу две ревизии. Со кредитот од ЕБОР во 2015 година, набавени од Кина биле четири нови триделни дизел-моторни гарнитури и две триделни електромоторни гарнитури за патнички сообраќај, како и 150 нови вагони – 75 плато и 75 отворени.

    Во финансискиот дел, ДЗР констатира дека МЖ Транспорт АД континуирано искажува загуби од работењето, при што за 2024 година загувата е 331,8 милиони денари. Во споредба со претходната година, односно 2023 година, бележи намалување, а заедно со пренесената загуба од претходните години, во 2024 година достигнува 109 милиони евра.

    Во текот на контролираната 2024 година, на железничките станици Гостивар, Тетово, Кочани, Кичево и Штип не бил реализиран ниту патнички ниту товарен железнички сообраќај. И покрај тоа на наведените станици биле ангажирани 20 вработени на работни места поврзани со извршување на сообраќајни услуги и тоа: шефови на станици, станични благајници и оперативни помошници на станици. Ним им биле исплатени речиси 14 милиони денари бруто-плати. Дополнително, во рамките на месечните примања, им биле исплаќани и надоместоци за работа во недела, за работа во денови на празници и за квалитет.

    Со извршената ревизија на Информациско-комуникацискиот систем (ИКТ) во МЖ Транспорт АД за 2024 година, утврдено е дека се користат информациски системи и серверска опрема од постара генерација, за кои нема договори за одржување и техничка поддршка од овластени добавувачи. Деловните апликации функционираат на застарени платформи, без обезбедена поддршка од производителите. За работа со нив има мал број информатичари. Од 40 работни места предвидени со систематизацијата, во друштвото биле вработени осум лица, од кои четири биле со договор, а ангажираните со авторски договори биле поранешни вработени во друштвото.

    При анализата на потрошувачката на гориво, ревизорите констатирале дека било точено гориво во нерегистрирани возила, а постојат и случаи на точење гориво во возило со регистарска ознака кое не е во сопственост на друштвото.

    ДЗР при анализата на работењето на МЖ Транспорт АД за 2024 година, констатирала прекумерна потрошувачка на вода, која не е соодветна за административни и услужни дејности, каде што водата не претставува составен дел од производниот процес. Фактурите за потрошена вода во 2024 година изнесувале 5,5 милиони денари.

    По добивањето на овие забелешки, УО на МЖ Транспорт АД констатирал дека „значителен дел од констатираните состојби претставуваат долгогодишни системски слабости, чие надминување бара континуирани активности“.

    П.ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира