МАКЕДОНЦИТЕ НЕ САКААТ ДА СЕ ЗАПИШАТ ВО ШКОЛО ВО КОЕ УЧАТ РОМИ ВО БИТОЛА

    МАКЕДОНЦИТЕ НЕ САКААТ ДА СЕ ЗАПИШАТ ВО ШКОЛО ВО КОЕ УЧАТ РОМИ ВО БИТОЛАИако според реонизацијата, Македонците кои живеат во близина треба да учат во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, родителите сепак ги носат децата во поодалечени школи во друг реон каде има претежно македонски ученици, и ако продолжи ваквиот тренд на сегрегација, во иднина училиштето може да стане чисто ромско (Фото: СДК.МК)

    Во мултиетничка и мултикултурна Битола има семејства кои избегнуваат да ги запишат нивните деца да учат во основното училиште „Ѓорги Сугарев“ зашто таму настава следат  претежно ромски деца. Иако според реонизацијата, Македонците кои живеат во близина треба да учат во тоа школо, родителите сепак одлучуваат да ги носат  децата во поодалечени школи во друг реон каде има претежно македонски ученици. Ако продолжи ваквиот тренд на сегрегација, во иднина училиштето може да стане чисто ромско, што е сосема спротивно на заложбите за интеграција на ромското население во образованието и општеството.

    „Родителите на Ромите велат дека не сакаат нивните деца да учат во чисто етнички паралелки туку во мешовити. Повеќето од родителите од ромската заедница се неписмени и не можат да им помогнат дома околу домашната работа. Доколку се дружат со Македонци би напредувале повеќе. Би учеле меѓу себе за културата, однесувањето, навиките. Тоа е добро и за учениците и за возрасните и за Битола како мултиетнички град“, вели битолчанецот Рамиз Рустемов, заменик координатор на невладината организација „РОМА СОС“ во Битола.

    „Родителите на Ромите велат дека не сакаат нивните деца да учат во чисто етнички паралелки туку во мешовити. Повеќето од родителите од ромската заедница се неписмени и не можат да им помогнат дома околу домашната работа. Доколку се дружат со Македонци би напредувале повеќе. Би учеле меѓу себе за културата, однесувањето, навиките. Тоа е добро и за учениците и за возрасните и за Битола како мултиетнички град“, вели битолчанецот Рамиз Рустемов, заменик координатор на невладината организација „РОМА СОС“ во Битола (Фото: СДК.МК)

    Проблемот се провлекува со години, а училиштето  „Ѓорги Сугарев“ прави сериозни обиди да се спротивстави на сегрегацијата. Педагошко-псисхолошката служба во соработка со директорката на школото Наташа Ставревска преземаат чекори да ги срушат табуата кои постојат кај локалното население. Велат дека годинава излегле на терен и буквално одејќи од врата до врата, во семејства кои имале деца за упис, разговарале со родителите, нудејќи ги солидните услови во школото и професионалниот наставен кадар. Така, оваа учебна година  успеале да запишат и Македонци во прво одделение кои учат во мешовити паралеки заедно со Ромите.

    „Излеговме на терен, разговаравме со родители, организиравме и родителска средба во градинката ‘Снегулка’, па дечињата со родителите ги прошетавме низ нашето училиште. Во школото имаме пространи училници, спортска сала, редовно парно греење, стручен наставен кадар, од кој повеќето се магистри, ги исполнуваме сите услови за солидна настава“, велат од педагошко-психолошката служба во школото.

    Покрај тоа што претежно учениците се Роми, сепак имаат и случаи да доаѓаат Македонци од други школи и да се запишуваат во „Ѓорги Сугарев“.

    „Имавме ученици кои учеле кај нас, па се отпишале, за потоа повторно да се вратат и да кажат дека тука им било подобро. Имаме родители чии деца се во повисоките класови, па сега и помалите синови или ќерки ги запишаа кај нас. До лани имавме и бесплатна храна. Школото е во центарот на градот и ги исполнува сите услови за квалитетен и непречен наставен процес“, додаваат службите во школото.

    Овој горлив проблем кој се провлекува со години е последица на недоследното почитување на одлуката за реонизација, но и на недореченостите во законите. Така, општинскиот Совет уште во 2009 донесе одлука за реонизација со која  точно е утврдена територијата каде школите се поставени и дејствуваат, односно децата од кои улици во кои училишта треба да се запишуваат. Повод за ваквата одлука на битолскиот Совет меѓудругото беше и зачестената појава на отпишување и презапишување на ученици од едно во друго училиште и формирање етнички чисти паралелки.

    Сепак, сегашниот Закон за образование дозволува родителот да си го запише детето во кое школо сака ако таму  не е исполнет максималниот број на ученици. Поради намалениот наталитет, а во последно време и поради бранот иселување, во Битола повеќето училишта се со намален број ученици. Во сите училишта има паралелки со помал број од максималниот, па дури и Советот пред некоја година дозволи да опстојуваат паралелки со помал број на ученици, па дури и со 12.

    Битолските активисти истакнуваат дека за да се стави крај на сегрегацијата, во иднина ќе мора надлежните од општината и од Министерството за образование да најдат заедничко решение на проблемот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари