Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој изврши контрола во Клиничката болница во Штип, каде пред три месеци беше откриено присуство на хепатити кај неколку пациенти кои имале ортопедски оперативни зафати, излезе со наод дека не може со сигурност да се каже од каде е изворот на хепатитот Б што бил утврден кај шестмина пациенти и хепатитот Ц што бил утврден кај двајца пециенти кои се лекувале во болницата.
Претходно, ниту епидемилозите од Институтот за јавно здравје од Скопје не можеле точно да утврдат од каде е заразата, затоа што станува збор за пациенти од различни возрасти и од различни места и не можело со сигурност да се утврди дали тие биле заразени уште пред да дојдат во Клиничката болница во Штип.
„Сега, клучни ќе бидат наодите и анализите што се прават во лабараторијата на МАНУ. Тоа ќе биде крајна и дефинтивна проверка и резултат за случајот. Во оваа лабарторија веќе се врши анализа на база на гени со која точно ќе се утврди кој пациент на кој вид хепатит бил носител и од каде е изворот“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев.
Тој смирува и аплерира дека воопшто нема место за паника, посебно поради тоа што пациентите кај кои е најден хепатит биле на лекување во Клиничката болница во Штип уште пред три месеци, а во меѓувреме се преземени сите потребни зашитни и превентивни мерки.
„Ние ги презедовме сите потребни заштитни и превентивни мерки. Направиме тест на сите вработени, извршивме комплетна контрола и стерилизација, воведена е обука, посебна едукација и контрола на медицинскиот персонал и воведен е задолжителен скрининг на сите пациенти пред операција, со цел да го знаеме нивниот здравствен статус со кој доаѓаат во болницата“, вели Георгиев.
Т. ЈОВАНОВСКИ