МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈАТА ПРЕКУ КОЈА ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБАШЕ ДА СЕ РЕКЛАМИРА ВО МЕДИУМИТЕ ПОБАРА ДА СЕ РАСКИНЕ ДОГОВОРОТ

    МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈАТА ПРЕКУ КОЈА ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБАШЕ ДА СЕ РЕКЛАМИРА ВО МЕДИУМИТЕ ПОБАРА ДА СЕ РАСКИНЕ ДОГОВОРОТДоговорот за рекламирање беше околу 92.000 евра. (Фото: К.Попов)

    Агенцијата Елемент ПР“ со која Град Скопје месецов склучи договор за рекламирање во медиуми до 92.000 евра побара од градоначалничката Данела Арсовска спогодбено прекинување на договорот. Како што велат од агенцијата на овој чекор се одлучиле по реакцијата на Здружението на новинари на Македонија коешто изрази сомнеж за оваа јавна набавка со објаснување дека на овој начин се прекршува Мораториумот за огласување во медиуми донесен во 2018 година.

    Како агенција што секојдневно соработува со медиумите и новинарите, целосно го почитуваме новинарството, кодексот и принципите на работа. Дел од тимот на агенцијата се поранешни новинари што е дополнителна причина за почитување на новинарскиот етички код и стандарди и зачувување на нашиот кредибилитет.

    На повикот се јавивме бидејќи истиот тој повик во истата форма бил спроведуван и претходните две години од Град Скопје, а вакви слични повици има и од други државни институции. Верувавме дека со нашето знаење и експертиза можеме да придонесеме за поголема информираност на граѓаните и транспарентност во работата на градската администрација“, велат од „Елемент ПР“.

    Од ЗНМ во саботата реагираа на тендерот на Градот за рекламирање велејќи дека праксата за плаќање јавни кампањи со пари на граѓаните, освен што е незаконска, може да поттикне и други единици на локалната самоуправа да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар, и би се загрозила независноста на медиумите преку поддржување на ‘пријателски медиуми’ и игнорирање на оние кои се критични’.

    Потсетуваме дека скапо платените јавни кампањи преку кои би се откупувал простор на селективен начин од страна на Владата и локалната власт не е начин за поддршка на медиумите, туку може да се претвори во обид за нивно корумпирање и истовремено промоција на политичко- партиски агенди кои не се од јавен интерес“, велат од ЗНМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира