Пеце Јанкуловски од битолската населба Горно Оризари, повеќегодишен машинист во РЕК „Битола“, со булдожер тешок сто тони правејќи заштитни појаси придонесе да се спасат од големиот пожар селото Паралово и црквата „Св. Ѓорги“ каде е и гробот на војводата Ѓорги Сугарев. Јанкуловски, кој и претходно бил вклучен во гасење пожари, со голема пожртвуваност, преземајќи и ризични потези, со машината во сопственоста на РЕК, на моменти влегувајќи дури и во самиот оган, направи појаси со земјен пат низ шумата со што спречи ширење на огнот.
За да се вклучи во акцијата за спас на Паралово тој се врати од годишен одмор и успеа да го пренесе булдожерот три километри по козји пат, на стрмен кос терен за да гасне на местото каде беше најризично.
„Не ми беше толку страшно гаснењето, колку што ми беше страшно да ја пренесам машината од Грумази до над Паралово. Дојдоа двајца жители и ми рекоа ќе доаѓаш по нас. Од Грумази до над Паралово тоа не беше пат, туку козјо патче, машина од 100 тона со 6 метри нож, не знам кој би се нафатил да ја пренесе по тој пат. Поминав околу 3 километри, од едната страна провалија 300 метри, а од друга страна планината, а возев по коса линија“, кажува Јанкуловски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Кога стигнал над Паралово, огнот се ширел со голема брзина, а на места имал зафатено и борова шума. Почнал со машината да прави заштитни појаси на кои останувала само земја, остранувајќи ги лисјата и ниска вегетација кои лесно горат и го шират огнот.
„Огнот беше големо страшилиште. Теренот многу е стрмен. Со машината се спуштив 500 метри од сртот надолу кон манастирот и селото Паралово. Другите викаа ’бегај подалеку од огнот’, реков ‘не, мора поблизу за побрзо да се спречи ширењето’. Имаше и зафатени борови, влегов директно во огнот и ја пресеков парцелата. Направив неколку појаси. И се запре ширењето“, вели Јанкуловски.
Покрај пожартвуваноста на Јанкуловски, за гаснењето голем придонес дадоа и 30 доброволци од пожарникарското друштво „Архангел“ од Битола кои 16 часа учествуваа во битката за спас на селото и манастирот, како и локално население и 20 пожарникари од Територијалната противпожарна единица Битола. Во гаснењето на располагање дел од механизацијата ја стави и РЕК „Битола“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА