Смирена е акутната фаза на епидемијата на заразна болест во Гостивар, но во консултација со Комисијата за заразни болести решивме да одредиме засилен здравствен надзор за постакутната фаза, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се 4.303 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
„Апелираме до матичните лекари, до здравствените институции во Гостивар, фокусот да го стават на следните предизвици, на следење на хепатитис А и Е, меѓутоа и други заразни болести кои може да се јават на опашката на гостиварската епидемија. Во врска со тој засилен здравствен надзор ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, до здравствените установи, до матичните лекари, а ќе бидат дадени насоки и за комуникација со населението. Клучно е да има рано препознавање за да можеме да реагираме соодветно, а здравствените установи се веќе подготвени во смисол на капацитет за тестирање и на третман“, кажа Клековски.
Министерот кажа дека во последните четири дена бројот на нови први прегледи се движел меѓу 80 и 125 дневно, но засега не може прецизно да се утврди колкав дел од нив се директно поврзани со епидемијата, а колкав претставуваат вообичаена здравствена состојба.
„Во јули, според повеќегодишните податоци, просекот во Гостивар бил околу 25 пријави за заразни заболувања, па ќе треба епидемиолошките анализи да покажат што е последица на епидемијата, а што е редовна појава“, рече Клековски.
Водата во Општина Гостивар од 27 јули може да се користи како техничка вода, односно може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење ниту пак за подготвување на храна. Клековски денеска рече дека водата во Гостивар ќе може повторно да се користи за пиење кога ќе има три последователни негативни тестови од испитаните примероци.
Б. НЕСТОРОСКА



