МАТКА ЗАВИСИ САМО ОД ОПШТИНА САРАЈ, ДРЖАВАТА СЕ ПРОГЛАСИ НЕНАДЛЕЖНА ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ

    МАТКА ЗАВИСИ САМО ОД ОПШТИНА САРАЈ, ДРЖАВАТА СЕ ПРОГЛАСИ НЕНАДЛЕЖНА ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИКако ненадлежна, државата нема намера да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Сарај поради тоа што не постапува, односно не ги руши дивите објекти. Напротив, тие продолжуваат да се градат. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Никој не е надлежен да го спречи дивеењето на Матка освен Општина Сарај, која со години не ги чепка дивите платформи и градби во кањонот. Откако градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кажа дека Градот нема ингеренции да ги урива, од Министерството за транспорт и врски се изјаснија дека за дивоградбите на Матка треба да дадат став од Државниот инпекторат за градежништво и урбанизам, а вчера и оваа државна институција заедно со Инспекцискиот совет заклучиле дека се ненадлежни, оти се работело за градби од локален карактер, односно за платформи и монтажни објекти. Како ненадлежна, државата нема намера да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Сарај поради тоа што не постапува, односно не ги руши дивите објекти. Напротив, тие продолжуваат да се градат.

    Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност.

    „На 22 февруари имавме состанок со Инспекцискиот совет за случајот со платформата на Матка. Инспекторатот во рамките на своите надлежности, а согласно одредбите од Законот за градење се изјасни како ненадлежен за постапување, бидејќи урбаната опрема и монтажно-демонтажните објекти не претставуваат градба од прва категорија согласно законот за градење. Оттука, Инспекторатот нема право да излегува и да врши инспекциски надзор за објекти кои се од локално значење“, изјавија  вчера од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

    Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети вели дека дивоградби во кањонот има неколку, постојат со години, и ќе бара правна рамка да се решат, несакајќи да прецизира дали тоа значи дека ќе се легализираат. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети дури вчера, три недели откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека на Матка никнуваат нови диви платформи, се огласи и рече дека дивоградби во кањонот има неколку, а постојат со години, и ќе бара правна рамка да се решат, несакајќи да прецизира дали тоа значи дека ќе се легализираат.

    „Во моментов, ниту една од платформите нема регулирано правен статус. Дополнителен проблем е пештерата која има врата, а никој не знае кој ја поставил. Јас сакам во пакет да ги решиме и ќе барам поддршка и од други институции. Ќе преземеме постапка како за други предмети. Станува збор за чувствително место, треба да внимаваме да не ѝ наштетиме на Матка, но и да се зачува угледот и развојот на туризмот“, изјави градоначалникот Беџети.

    Беџети му одговори и на Шилегов, кој го повика да почне да си ја врши работата за која е избран од граѓаните и да ги урне платформите за кои Град Скопје нема дадено дозвола за постапување.

    „Избрзана му е изјавата, не држи. Петре треба да ги види другите надлежности кои ги има, а не да се занимава со надлежностите на Општина Сарај“, му порача Беџети на градоначалникот на Скопје.

    Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност. (Фото: Ѓ. Личовски)

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 10 февруари објави дека нова дива платформа никнува на Матка. Но, на Матка ова не е единствената плаформа. На патот кој води кон црквата „Свети Андреја“ се наоѓаат неколку платформи и куќарки на кои стојат табли дека се фирми кои организираат тури со чамец низ езерото. Никој не знае дали чамците се регистрирани. Подолу кај црквата има друга плаформа, на која се наредени кајаци кои се изнајмуваат за кајакарење низ езерото. Во средина на езерото поставени се други дрвени плаформи, кои сега за сега се празни. Целосно заградена сега е и терасата на ресторанот на Матка. Од тереса со маси и столици, стана кафеана со цврста градба.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари