Битолчанецот Томислав Христовски утрово фотографирал две мечиња на регионалниот пат Битола-Ресен. Патот е во близина на националниот парк Пелистер и на оваа делница, на која се вози и со дозволена брзина до 90 килоемтри на час, и други пати биле забележувани мечки.
„Утрово додека патував од Битола за Струга, околу 9 часот, минувајќи низ делницата меѓу Ротино и Ѓавато забележав две мечиња, седеа на патот, им свирнав и се растрчаа. Во овој дел има многу мечки и мој другар порано имаше лошо искуство токму на тој патен правец кога мечка му ја искрши колата“, рече Христовски.
На патот не е поставен сообраќаен знак да ги предупреди возачите да возат внимателно зашто можно е да има дивеч на коловозот.
Во 2006, на истото место пелистерска мечка тешка 300 килограми скокна врз хаубата на автомобил во движење и го демолира. За среќа патниците останаа неповредени, а мечката побегна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА