Снимена е мечка како трча низ улицата Македонска фаланга кај Градскиот парк во Битола и објавена на социјалните мрежи. Снимките презивикаа вознемиреност кај битолчани зашто паркот е доста фреквентно место, често посетено и од родители со мали деца и пензионери, а на истата улица каде беше снимено животното се наоѓаат и Средното медицинско училиште и Техничкиот факултет, а во непосредна близина и средношколскиот дом „Мирка Гинова“.
Мечката веројатно била снимена синоќа. Станува збор за поголемо мече кое трча по патот додека зад него вози автомобил.
Од СВР Битола велат дека случајот е пријавен кај нив, а од Општината дека контактираат со надлежни иснтитуции за да бидат преземени соодветни мерки.
„Во врска со случајот ги информирав Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, како и Државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Деновиве има повеќе пријави до институциите за мечка во атарот на селата Трн, Оптичари, Поешево и Егри, а последната пријава на бројот 112 е за мечка видена во околината на градскиот парк во Битола. Од страна на институциите бев известен дека во тек се со актуелната состојба“, соопшти градоначалникот Тони Коњановски.
Со години отстрелот на мечки е забранет со закон поради што овие диви животни се намножија во планинските предели околу Битола. Ова не е првпат мечка да се симне во градот. Во мај 2022 беше снимена како трча низ населбата Буковски ливади.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години. За да има хајка, потребно е надлежните државни органи да проценат дека животното претставува опасност за луѓе, населени места и добиток или предизвикува големи штети, па да се дозволи и организира отстрел.
Во меѓувреме, државата плаќа големи отштети на граѓани кои тужеле за претрпени штети од мечки, а судот ги осудил животните.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



