За да се дозволи отстрел на мечка, која е животно под заштита, потребно е таа да се појави во населно место и да претставува опасност за луѓето, изјавија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК што може да се преземеме за зачестената појава на мечки во Битолско.
Вчера околу 9:30 часот, во атарот на селото Крклино кај местото викано Црна Река од мечка било нападнато стадото со овци, при што удавена и изедена била една овца, соопштија од СВР Битола. Пред десетина дена, мечка беше снимена како трча и низ улицата Македонска фаланга кај Градскиот парк во Битола, а во меѓувреме имаше пријави дека е видена во атарот на битолските села Трн, Оптичари, Поешево и Егри.
„Согласно Законот за дивечот и ловство член 19 став 2, во случај кога дивечот или друго диво животно се најде во урбана или друга населена средина и предизвикува или претставува опасност по животот, безбедноста и здравјето на луѓето, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство дава одобрение за застрел за наведениот дивеч/диво животно на органот за внатрешни работи“, велат од МЗШВ.
Не се знае дали се работи за истата мечка, но најверојатно се ралични зашто онаа што слезе во градот беше видена на излезот од Битола кон Грција, а другата која направи штета кај Крклино, село до другата страна на Битола, е на десетина километри од излезот кон Прилеп.
Прашање е дали тоа што мечката нападнала стадо и усмртила една овца ќе се третира само како штета врз добиток или тоа ќе претставува и непосредна опасност за животот и безбедноста на луѓето. Според МЗШВ, МВР ќе треба да утврди дали животното е опасно по луѓето, а ако е и да го организира отстрелот.
„Одобрението за застрел, министерот за земјоделство го издава врз основа на службена белешка од органот за внатрешни работи со која се докажува дека постои опасност по животот, безбедноста и здравјето на луѓето“, велат од МЗШВ.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Се казнува со парична и затворска казна. Во меѓувреме, државата плаќа големи отштети на граѓани кои тужеле за претрпени штети од мечки, а судот ги осудил животните.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на неговиот фејсбук профил соопшти дека контактирал со СВР Битола од каде го информирале дека екипата излегла на терен, направила увид и го документирала настанот.
„Исто така, информирани се и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и инспектор за лов при Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Ќе се испрати допис до Министеството за земјоделие и Министерството за животна средина кои се надлежни за постапување во вакви ситуации, за соодветна реакција од страна на надлежните со оглед на тоа што се работи за мечка, животно ставено под заштита на законот“, напиша Коњановски.
Тој и за претходниот случај кога мечка трчаше низ битолските улици ги извести надлежните институции. Тие се алармирани, но нема конкретна најава што ќе се преземе.
Со години, отстрелот на мечки е забранет со закон поради што овие диви животни се намножија во планинските предели околу Битола. Ова не е првпат мечка да се симне во градот. Во мај 2022 беше снимена како трча низ населбата Буковски ливади.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



