МЕЧКИ НАВЕЧЕР СЕ СИМНУВААТ ОД ПЛАНИНИТЕ И БАРАЈЌИ ХРАНА ГО РАСФРЛААТ ЃУБРЕТО НИЗ ГАЛИЧНИК, ВЕЛАТ ОД МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА

    МЕЧКИ НАВЕЧЕР СЕ СИМНУВААТ ОД ПЛАНИНИТЕ И БАРАЈЌИ ХРАНА ГО РАСФРЛААТ ЃУБРЕТО НИЗ ГАЛИЧНИК, ВЕЛАТ ОД МЕСНАТА ЗАЕДНИЦАОд Месната заедница велат дека сега мечките се будни, активни и гладни и повторно доаѓаат во Галичник секоја ноќ, што е огромен проблем не само од аспект на отпад, туку и од аспект на безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Мечки секоја вечер ги превртуваат контејнерите во Галичник, затоа гледате слики од расфрлено ѓубре, велат од Месната заедница Галичник. Граѓани до нашата редакција викендов испратија фотографии од селото Галичник со расфрлено ѓубре на сите страни по улиците и превртени контејнери но, како што велат од месната зедница, ваквите слики не се резултат на несовесни посетители и жители на селото.

    „Од лани, во Галичник има сериозен проблем со мечки. Секоја ноќ во Галичник доаѓаат мечки од околните планини, кои во потрага по храна за себе и за младенчињата, ги превртуваат сите контејнери до еден, и ѓубрето го разнесуваат по улиците. Секое утро, волонтери ги креваат контејнерите и го враќаат ѓубрето назад, за истото да се повтори следната ноќ. Сега е пролет, мечките се будни, активни и гладни и повторно доаѓаат во Галичник секоја ноќ. Ова претставува огромен проблем, не само од аспект на отпад, туку и од аспект на безбедност. За овој проблем уште минатата година се известени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Инспекторатот за лов, но до сега нема никаква реакција“, велат од Месната заедница Галичник.

    Од таму велат дека имаат воспоставено систем на подигнување на отпадот. Од мај до ноември, кога и има луѓе и посетители во селото, ѓубрето еднаш неделно со собира Јавното комунално претпријатие од Маврово и отпадот го одлага во депонија во Дебар.

    „Во останатиот дел од годината нема услови за служба да го собира отпадот. Од таа причина, ние како Месна заедница редовно и упорно апелираме отпадот да не се фрла во контејнерите во Галичник, туку секој да го понесе со себе на заминување, и да го фрли на соодветно место. Работиме на подигнување на свеста, но тоа е долг и бавен процес. Освен тоа што луѓето бавно реагираат на овие апели, многу од нив се несовесни и го одлагаат отпадот и каде што не му е местото“, велат од Месната заедница Галичник.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира