МЕЏИТЛИЈА ЗАТВОРЕНА, БИТОЛЧАНИ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА НАМЕРНО СЕ ДРЖИ ЗАТВОРЕН ПРЕМИНОТ ЗА ГРЦИТЕ ДА НЕ ДОАЃААТ ДА ТРОШАТ ПАРИ ВО БИТОЛА

    МЕЏИТЛИЈА ЗАТВОРЕНА, БИТОЛЧАНИ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА НАМЕРНО СЕ ДРЖИ ЗАТВОРЕН ПРЕМИНОТ ЗА ГРЦИТЕ ДА НЕ ДОАЃААТ ДА ТРОШАТ ПАРИ ВО БИТОЛАБитолчани се прашуваат зошто уште е пуштен граничниот премин Меџитлија-Ники под истите протоколи за заштита од ковид-19 како и Богородица-Евзони. (архивска фотографија)

    Три години по потпишувањето на Преспанскиот договор не само што не се отвори граничниот премин Маркова Нога, туку рампата остана спуштена и на Меџитлија-Ники, втор по фреквенција граничен премин кон Грција. За преминот во Преспа надлежните најавуваа дека ќе се дигне рампата по повеќе од половина век за да ги поврзи двете страни од Преспанското Езеро и да ја развие економијата.

    Но, не само што тоа не се случи и покрај инфраструктурните интервенции на патот, туку повеќе од една година остана прекината и врската во Пелагонија од двете страни на границата. Во мај годинава имаше најава дека ќе се отворат сите копнени гранични премини кон Грција, но проработи само Богородица.

    Битолчани се прашуваат зошто уште е пуштен граничниот премин Меџитлија-Ники под истите протоколи за заштита од ковид-19 како и Богородица-Евзони. Досега нема официјален одговор од властите во земјава и Грција кога конечно ќе протече сообраќајот на патници и стока на Меџитлија која на ден ја минуваа илјадници патници.

    Бизнисмени од битолскиот крај кои соработуваа со општините од северна Грција прашуваат дали ова се мерки за заштита од ковид-19 или политичко ембарго?

    „Имаме информации дека бизнисмени од другата страна на границата кои имаат хотели, ресторани, колонијали, бутици, стоматолошки ординации, фризерници потпишуваат дури и петиции кои се носат до надлежните за да не се дигне граничната рампа, за да не се дозволи луѓе од Грција да пазаруваат и ползуваат други услуги по поевтини цени од Битола и Прилеп. Имаме контакти со муштерии од Грција и тие ова ни го кажуваат“, вели битолски бизнисмени кои долги години соработуваа со Грција.
    Познато е дека жители од пограничните општини во Грција во Битола добиваа двојно, па и тројно поевтини стоматолошки, фризерски услуги, купуваа храна на битолскиот пазар и се облекуваа во чаршијата и на Широк Сокак по многу поповолни цени отколку во Грција.

    Последиците од пресечената трговска врска меѓу Битола и останатите погранични општини од грачка страна најмногу се чувствува во битолската чаршија. Таму и прометот од грчките посетители беше најголем. Добар дел од дуќаните се затворени, а другите кубурат. За една година затворени се повеќе од десетина дуќани во чаршијата, а оние кои објектите ги имаат изјамено, одвај заработувата да ја платат ќиријата.

    „За дуќанот плаќаме наемнина по сто евра месечно, а со сегашниот промет и тоа да го подмириме е многу тешко. Порано доаѓаа муштерии од Грција. Кај нас купуваа месо, а во другиот дуќан во чаршијата пластични работи, во третиот се облекуваа и на крај ручаа во ресторан во пазарот со познати македонски специјалитети. Сега немаме ништо од тоа. Помош и да дава државата, попусто е, треба да се врати економијата во нормала“, вели дуќанџијата Мирослав Јовановски.

    За една година од март лани до годинава, односно откако се појави пандемијата, според официјалните податоци на Агенцијата за вработување без работа во Битола останале 1.200 лица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира