МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА И ПОКРАЈ БОЛКИТЕ САКАЛА ДА СИ ОДИ ДОМА, ТАА ВЕЛИ БАРАЛА ТРАНСФЕР ВО ДРУГА БОЛНИЦА

    МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА И ПОКРАЈ БОЛКИТЕ САКАЛА ДА СИ ОДИ ДОМА, ТАА ВЕЛИ БАРАЛА ТРАНСФЕР ВО ДРУГА БОЛНИЦАЈилдиз Веапоска при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот процес за родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник, денеска продолжи со сослушување на сведок во Основниот суд во Струга. Медицинската сестра на Гинеколошкото одделение Сарита Пешиноска, вработена како акушерка во Струшката болница со 20-годинишен работен стаж, рече дека како дежурна сестра дента кога Веапоска требало да биде отпуштена од болницата, заедно со дежурната лекарка д-р Лилјана Јованоска ја направиле главна визита. Тврдеше дека родилката добила страшни болки, но инсистирала да си оди дома на што лекарите се спротиставиле.

    „На 31 август 2020 бев дежурна на Одделението како акушерка. Јас бев таму на визитата и помонавме кај Јилдиз Веапоска. Веапоска и докторката разговараа, таа ја праша пациентката дали е добра, а таа одговари дека е добро и е пуштена да си оди од страна на докторот кој ја оперирал Мухамед Асани. Подоцна, Јилдиз повика сестра и се пожали на болка додека го доела бебето. Јилдаз легна и рече имам болка, но ќе помине. Ѝ реков ако имаш болка морам да известам дежурен лекар, таа не сакаше, велеше дека сака да си оди. Сепак ја известив докторката која ѝ даде терапија против болка. Постојано бев со неа и болките не ѝ прекинуваа. Повторно викнав лекар која ја прегледа и не дозволи да си оди дома. Јилдаз инсистираше да си оди но, докторката предложи лабараторија и го повика д-р Аце Велјановски анестезиолог и д-р Мухамед Асани, кој одлучи да се оди во сала“, кажа Пешиноска во исказот.

    Веапоска тврди дека дел од исказите на медицинската сестра Пешиноска не се точни.

    „Утрото на визита дојде доктор Мети, кој ми кажа дека отпусното писмо за да си одам дома ми е спремно и дека сум добра. Јас не реков дека сум добра, како може да бидам во таква состојба добра и да барам да си одам дома. Барав да дојде мојот сопруг да ме земе и да ме однесе во Скопје или во било која друга болница за да видат што се случува со мене“, изјави Веапоска која упати апел до министерот за здравство да има слух и за нејзиниот случај и да реагира до Лекарската комора да им се одземат лиценците на обвинети лекари од Струшката болница.

    Првообвинетиот Мухамед Асани како лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани како лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска како лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Тие при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на родилката од Дебар поради што таа остана без три органи.

    Д-р Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај. На првото рочиште тој и останатите двајца лекари кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.

    Следното рочиште е закажано за 21 јуни, на кое ќе бидат сослушани судските вештаци од Институтот за судска медицина кои го направиле вештачењето. Според адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, тие ќе бидат клучните сведоци кои ќе ја расчистат дилемата што се случувало за време на оперативниот зафат.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира