МЕДИЦИНСКА СЛУЖБА НА ПОЖАРНАТА ЌЕ ДАВА ПРВА ПОМОШ ОТИ СЕГА ДОЛГО ЧЕКАМЕ ДА СТИГНЕ БРЗА ПОМОШ, ВЕЛИ КОМАНДАНТОТ СИМОНОВСКИ

    МЕДИЦИНСКА СЛУЖБА НА ПОЖАРНАТА ЌЕ ДАВА ПРВА ПОМОШ ОТИ СЕГА ДОЛГО ЧЕКАМЕ ДА СТИГНЕ БРЗА ПОМОШ, ВЕЛИ КОМАНДАНТОТ СИМОНОВСКИ„Планираме да набавиме возило, кое ќе биде опремено со медицинска опрема и медицински кадар. На тој начин ќе можеме веднаш да им дадеме прва помош на повредените. Вчера две лица имаа вдишано чад и им се слоши. Кога се јавивме во Брза помош ни рекоа немаме екипа сега да ви пратиме“, вели новиот командант на Пожарна Владимир Симоновски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Медицинска служба ќе се воведе во Пожарната бригада на Скопје, најавува новиот командант Владимир Симоновски.

    Стојановски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели еден од неколкуте приоритети е годинава заедно со противпожарните возила, кога излегуваат на интервенција, да оди и нивна медицинска екипа. Сега се случува кога ќе стигнат на пожар или сообраќајна несреќа, по еден саат да чекаат да стигне екипа на Брза помош.

    „Проект ми е оваа година да отвориме парамедикал служба во склоп на Пожарната. Планираме да набавиме возило, кое ќе биде опремено со медицинска опрема и медицински кадар. Ќе се разликува од возилата на Брза помош оти нема да биде бело туку црвено. На тој начин ќе можеме веднаш да им дадеме прва помош на повредените. Вчера две лица имаа вдишано чад и им се слоши. Кога се јавивме во Брза помош ни рекоа немаме екипа сега да ви пратиме. Стигнаа за еден час“, вели Симоновски.

    Со години Пожарната работи со двојно помалку пожарникари од она штом им треба. Пред 30 години една чета броела 70 пожарникари, а сега нивниот број е 40 луѓе. Вработување на нови пожарникари, но и набавка на нова опрема и возила, најавува и Симоновски.

    „Еве гледате не сум во униформа оти нема. Допрва ќе набавуваме и за новите 19 пожарникари кои беа примени. Најважната работа е дека треба да се зголеми бројот на пожарникари. Сега имаме 194 пожарникари од кои осум до десет се повредени, а потребни ни се 389. На 1.500 жители треба да има еден пожарникар, а сега ние сме еден на 500 жители. Овие 19 кои сега ги вработивме се на местото на тие кои отидоа во пензија. Годинава планираме нови 40 до 50 вработувања“, вели Симоновски.

    Симоновски вели дека за нормално функционирање потребно е отворање на две нови центри и тоа во Скопје Север и Кисела Вода. Со Пожарната на Бит пазар имаат голем проблем оти не можат возилата да излезат и да отидат на пожар од паркирани возила околу станицата.

    „Според мене слободно можеме да ја затвориме Пожарната на Бит пазар и двете возила да дојдат во автокоманда. Побрзо ќе стигнеме на интервенција од тука отколку од Бит пазар, каде секој ден се расправаме со паркирани коли кои ни го блокираат патот“, додава Симоновски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира