МЕРКО ДОБИ ПАРИЧНА КАЗНА ОД 10.000 ЕВРА ЗА НЕЗАКОНСКОТО ИМЕНУВАЊЕ ДИРЕКТОРИ ВО УЧИЛИШТАТА ВО ЛАБУБНИШТА, РАДОЛИШТА И ПОДГОРЦИ, СУДОТ НЕ ГО КАЗНИ СО ЗАТВОР ОТИ ДОСЕГА НЕ БИЛ ОСУДУВАН

    МЕРКО ДОБИ ПАРИЧНА КАЗНА ОД 10.000 ЕВРА ЗА НЕЗАКОНСКОТО ИМЕНУВАЊЕ ДИРЕКТОРИ ВО УЧИЛИШТАТА ВО ЛАБУБНИШТА, РАДОЛИШТА И ПОДГОРЦИ, СУДОТ НЕ ГО КАЗНИ СО ЗАТВОР ОТИ ДОСЕГА НЕ БИЛ ОСУДУВАНСудијата Јордан Јованов го прогласи струшкиот градоначалник Мерко за виновен за кривичното дело Несовесно работење во службата. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко доби парична казна од 10.000 евра за незаконското поставување директори на училиштата во Лабуништа, Радолишта и Подгорци. Судијата Јордан Јованов го прогласи за виновен за кривичното дело Несовесно работење во службата.

    Во образложението на пресудата рече дека Мерко, според членот 115 од Законот за основно образование, назначува и разрешува директори на општински училишта како што се училиштата во овој предмет. Иако имало предвидени средства за лицата кои биле поставени за в. д. директори, спорно е дали тие лица имале право да бидат именувани за в. д. директори и дали имале право да примаат плата како в. д. директори.

    „Лицата во овој случај не се бирани од редот на вработените, не е објавен јавен оглас, немаат работно искуство најмалку 5 години и се бирани едно по друго, а така не пишува во Законот“, кажа Јованов. „Во Законот за основно образование стои дека се распишува оглас и се бара личност што ги исполнува тие услови. Овде, како што видовме од доказите, никаде не е распишан конкурс туку дирекно се пристапило, се направил разговор дали сакаат да прифатат и тие се согласиле. Не е спорно дека директорите си ја вршеле својата работа, спорно е дали можеле да бидат избрани“, кажа во образложението судијата Јованов.

    Со оглед на тоа што обвинетиот досега не е осудуван, Судот не му изрече затворска казна туку го осуди на парична казна. Висината се одреди со земање предвид дека СЕ акумулирани повеќе случаи и затоа добива третман на продолжено кривично дело. Висината е определена на сто дневни глоби од по 100 евра.

    Основното јавно обвинителство Струга го товареше струшкиот градоначалник за Несовесно работење. Во завршните зборови обвинителката од Судот побара да го прогласи за виновен, оти во својство на градоначалник во повеќе наврати презел дејствија на именување директори на основните училишта спротивно на позитивните законски прописи, со именување лица кои не ги исполнуваат законските услови за директор, без да спроведе соодветна законска процедура и без да објави јавен оглас за избор на директор откако именувал вршител на должност иако бил должен тоа да го направи во рок од пет дена од денот на именувањето на в. д. директор. Исто така, се докажало дека на школите им била нанесена финансиска штета. Според обвинителството,
    Мерко свесно го пвредил законските прописи со што го сторил кривичното дело Несовесно работење во службата.

    Неговиот адвокат Игор Петковски во завршниот збор побара ослободителна пресуда оти јавниот обвинител не докажал дека обвинетиот го сторил кривичното дело Несовесно работење во службата. Од изведените докази, рече тој, и од дејствијата кои обвинетиот ги презел не се утврдува посебна намера за прибавување некаква корист и нанесување на некаква штета, туку се утврдува дека намерата на обвинетиот била основните училишта да функционираат како налага законот, со оглед на состојбата во која овие училишта би се нашле доколку немале назначен директор, во случајот вршител на должност.

    Фактот што во текот на постапката не се презентирани докази дека министерот за образование и наука во тој период не сторил повреда на законските прописи за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување да именува вршител на должност од редот на вработените, обвинението го чини покрај неправилно и нецелосно. Во ниту еден момент од мандатите како градоначалник на Општина Струга не бил поднесен ниту еден предлог, а уште помалку му биле одземени неговите ингеренции од  Министерството. Според Петковски, не бил изведен ниту доказ кој утврдува кој субјект е оштетен во случајов. Исто така, сѐ уште не бил завршен надзорот на Државниот просветен инспекторат за овие училишта оти немало решение за утврдени неправилности.

    Во завршна фаза се и судските процеси за основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга и училиштето во Велешта, каде има и други обвинети кои се товареа за Несовесно работење во службата, а дел од нив и за кривичното дело Фалсификување исправи.

    Претходно, Мерко доби ослободителна пресуда во случајот поврзан со набавката на луксузното „ауди А6“, оти Судот утврди дека нема докази кои укажуваат дека Мерко имал намера да ја злоупотреби својата службена положба.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира