МЕСТО ДА СЕ НАБАВАТ НОВИ, НА ПАРКИНГОТ КАЈ СПОРТСКАТА САЛА ВО БИТОЛА ПРЕФРЛЕНИ РАМПИТЕ ОД СТАРА БОЛНИЦА, ОД „ПАРКИНЗИ“ ВЕЛАТ ТАКА Е ПОПРОФИТАБИЛНО

    МЕСТО ДА СЕ НАБАВАТ НОВИ, НА ПАРКИНГОТ КАЈ СПОРТСКАТА САЛА ВО БИТОЛА ПРЕФРЛЕНИ РАМПИТЕ ОД СТАРА БОЛНИЦА, ОД „ПАРКИНЗИ“ ВЕЛАТ ТАКА Е ПОПРОФИТАБИЛНООва е прва реконструкција на паркингот кај спортската сала по долги години (Фото: СДК.МК)

    Наместо нови рампи на паркингот што се реновира пред спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, каде в среда ќе се игра натпревар од ракометната Лига на шпамиони, таму стигнаа веќе користените од паркингот кај Старата болница. Системот за контрола при паркирањето беше отстранет деновиве од месноста Стара болница, што предизвика реакција кај дел од жителите од околните згради, кои во договор со јавното претпријатие Паркинзи плаќаа месечен надомест за паркирање.

    Повторно ќе можат да ни се паркираат други возила околу зградите и ќе нема каде да ги оставиме нашите. Се работи за околу 200 семејства кои имавме платено за паркинг места. Плаќавме 200 денари месечно од возило. Некои имаат платено и за цела година. Зарем претпријатието или Општината не можеа да набават нови рампи кога направија толку реконструкции кај спортската сала“, реагираат станари од зградите.

    Од Паркинзи соопштија дека паркингот кај Стара болница генерира загуби во висина од стотици илјади денари годишно, поради што донесоа одлука тој систем да се префрли на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“, каде што во моментов е најнеопходен.

    Во меѓувреме, договорен е состанок со претставниците на куќните совети, со цел да се изнајде решение прифатливо и за станарите и за претпријатието. На овој начин, претпријатието делува со оптимално искористување на постоечките капацитети, во функција на постигнување поголеми резултати“, соопштија од Паркинзи.

    Ова е прва реконструкција на паркингот кај спортската сала по долги години. Претходно, тој беше полн со дупки. Во завршна фаза е реконструкцијата со атмосферска канализација, коловоз и соодветно осветлување. За реализацијата на овој проект од општинскиот буџет се инвестирани 18,3 милиони денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира