МЕСТО ПО АВТОПАТ, ТЕШКИ КАМИОНИ ВОЗАТ ПО РЕХАБИЛИТИРАНИТЕ РЕГИОНАЛНИ ПАТИШТА И ГИ ОШТЕТУВААТ, РЕАГИРА ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

    МЕСТО ПО АВТОПАТ, ТЕШКИ КАМИОНИ ВОЗАТ ПО РЕХАБИЛИТИРАНИТЕ РЕГИОНАЛНИ ПАТИШТА И ГИ ОШТЕТУВААТ, РЕАГИРА ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНИ ПАТИШТАВаквата состојба не е само на рехабилитираната делница Велес - Градско, туку и на сите новозавршени изминатиот период, вели директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми. (Фото: СДК.МК)

    Возачите предупредуваат дека рехабилитираниот регионален пат Велес – Градско, за кој имаат пофални зборови за квалитетот, може за бргу време да биде оштетен. Тие како причина ги посочуваат тешките камиони кои наместо да возат по автопат ја користат оваа делница.

    „Со затоплувањето и повисоките температури асфалтот, ќе попушти под тежината на камионите, кои натоварени со земја, руда, метал, ќе го оштетат коловозот. И пак сè ќе биде по старо за кратко време“, реагираат возачите, најчесто од Градско , кои патуваат до Велс на работа.

    Директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми, кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, беше на увид на оваа делница вели дека, ваквата состојба не е само на рехабилитираната делница Велес – Градско, туку и на сите новозавршени изминатиот период.

    „Возачите на тешки камиони ја злоупотребуваат состојбата и наместо по автопат, возат по овие рехабилитирани патишта. Затоа ги разгледуваме сите законски можности да ставиме ограничување на товарните возила, да не ги користат овие регионални патишта. Тие се изградени за населението од околните места кои живеат покрај патот во тие региони“, рече директорот Ејуп Рустеми, одговарајќи на новинарско прашање.

    Тој и министерот Бочварски, претходно извршиле увид и на регионалниот пат Велес – езеро Младост во должина од 4,8 км,за кој јавноста во Велес силно реагираше дека е потесен во широчина и до еден метар. Наместо 5,50 метри тој е широк помеѓу 4,50 и 4,60 метри. Ејупи објасни дека патот е со иста широчина, како што бил и претходно.

    „На регионалниот пат за кој прашувате, имавме проект за рехабилитација, не за реконструкција. Тоа во пракса значи, при рехабилитација димензиите остануваат исти додека при реконструкција . Ние го рехабилитиравме патот , според димензиите кои беа претходно, како што тој беше димензиониран. Ние не излеговме ниту малку од постојните димензии. За да го прошириме, требаше да работиме реконструкција и да се врши експропријација на околното земјиште. Патот беше финансиран од ЕБОР, се обидовме да го измениме проектот, но тие како финансиер не прифаќаа да го променат проектот од рехабилитација на реконструкција. Затоа димензиите на патот од Велес до езеро Младост се исти како што беа претходно“, кажа Ејупи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира