МЕСТО ВО 2018, НОВАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ВО ШТИП ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО СРЕДИНАТА НА 2020, КАЖА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    МЕСТО ВО 2018, НОВАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ВО ШТИП ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО СРЕДИНАТА НА 2020, КАЖА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕНовата болница ќе биде изградена со задоцнување од повеќе од две години, откако првично утврдениот рок за давање на употреба беше март 2018 (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче очекува новата клиничка болница во Штип да биде изградена и пуштена во употреба до средината на 2020 година.

    Во договорот што претходното раководство на Министерството за здравство го има потпишано со изведувачот на работите, фирмата „Интеракт“ од Грција, стои дека краен рок за изградба и опремување e март 2018 година. Бившиот министер Никола Тодоров на 3 март 2016 година, на поставувањето на камен-темелникот, изјави дека болницата ќе се гради две години и ќе чини 30 милиони евра.

    Филипче денеска го посети Штип и со претставници на „Интеракт“ разговараше за новата динамика на изградбата, откако градежната фирма „Бетон“, која е подизведувач, пред подолг период ги прекинала работите.

    „Ние сме во постојан контакт со изведувачот и ја интензивираме динамиката на изградба на објектот. Истовремено, го утврдуваме планот за точниот тип медицинска опрема што треба да се набави, за кога ќе биде изградена болницата да може веднаш да се изврши и нејзино инсталирање. Реално е да се очекува некаде во средината на 2020 година во новата болница да се преселат и лекарите, кои треба да опслужуваат над 200.000 пациенти од регионот“, изјави Филипче.

    До тогаш, како што најави тој, со раководството на болницата се прават распореди за дисперзирано работење на лекарите во соседните градови кои имаат недостиг на кадар. Дел од штипските лекари по неколку дена во неделата ќе одат во градовите кои имаат потреба од дополнителни лекари, место пациентите да одат во Штип на прегледи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира