Општина Карпош утринава испрати 103 ученици на одмор во Грција во кампот „Александра“, соопшти општината. Станува збор за осум првенци на генерација, 38 ученици во социјален ризик и 57 спортисти.
Градоначалникот Стефан Богоев за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека ја одбрал дестинацијата во консултации со децата, родителите, наставниците и секторот за јавни дејности на општината, а годишнашниот одмор ја чини општината 1,8 милиони денари, што не е повеќе од минатите години, кога за одмор на учениците во Охрид и Струга се издвојувале од 1,5 до 2,2 милиони денари.
„До лани децата со социјален ризик од територијата на Општина Карпош одеа на одмор во Охрид или Струга, а спортистите во камп во Грција. Јас оваа година решив да нема поделби, односно и овие деца да можат да имаат одмор на море. Тие досега ниту еднаш не биле на море, дел од нив немаа ниту пасоши, па сега пред патувањето ги извадија. Пресреќни се што ќе можат како и другите деца на летуваат на море. Во кампот имаат активности во текот на целиот ден. За оваа намена се издвоени 1,8 милиони денари што не е повеќе од минатите години кога се издвојувале од 1,5 до 2,2 милиони денари“, вели Богоев.
А. АНТЕВСКА