„МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“ – ПРОФЕСОРКА СО УЧЕНИЦИТЕ ГО ЧИСТИ ЃУБРЕТО НИЗ БИТОЛА

    „МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“ – ПРОФЕСОРКА СО УЧЕНИЦИТЕ ГО ЧИСТИ ЃУБРЕТО НИЗ БИТОЛАЕкодружината од Средното медицинско училиште се води од мислата „Да покажеме дека не сме поголемо ѓубре од ѓубрето“ (Фото: СДК.МК)

    „Мети си со класнето“ е мотото на екоакцијата што професорката по англиски јазик од Средното медицинско училиште Марија Магдалена Петковска-Микаровска, заедно со учениците од класот второ шест, ја презеде самоиницијативно за чистење на дивите депонии низ Битола. Оваа вредна дружина се води од мислата „Да покажеме дека не сме поголемо ѓубре од ѓубрето“. Подготвија и лого, на кое професорката ја држи метлата во раце како да е гитара.

    Заштитно лице на екоакциите е професорката Марија Магдалена Петковска-Микаровска

    „‘Мети си со класнето‘ излезе многу спонтано со мојот пријател Златко, кој ни е главна логистика во целата организација. За секој мој потфат неговиот одговор беше: ‘Ти мети си, не се секирај’. А, ‘класнето’ е интерен израз, кој го користи мојот клас за мене. И така спонтано настана спојката која еден прескромен и талентиран лик ја претвори во интересно лого. Сепак, иницијалното лого е на Ирена Ристиќ од движењето ‘Не биди ѓубре’“, вели професорката.

    Првата акција им беше викендов, кога во соработка со „Геосфера“ и Организацијата на жени ја исчистија околината на Домот за доенчиња во Битола. Следната акција е оваа недела, а повикот им е „Да ја заметиме и светниме депонијата зад новиот пазар во Нова Битола“. И апелираат што повеќе луѓе да се вклучат во акцијата.

    „Имаме неколку важни цели: никој да не се осудил да ја хејта нашата позитивна мисла, да се оттргнеме од монструозната зависност од телефоните, да научиме и примениме општествено-корисна работа, да се дружиме до максимум, да научиме да не чекаме на благодарност од никој, да правиме добри дела без да чекаме да имаме корист, да алармираме да се постават што повеќе корпи за отпадоци и контејнери и, последно, но не помалку важно, на луѓето да им се вклучува црвен аларм секој пат кога ќе помислат да фрлат ѓубре каде што не треба“, велат класнето и учениците.

    Заедничка мисија им е да поттикнат на ваква активност повеќе класни со своите класови, не сосила, туку со желба.

    „Ова да стане масовно движење и што побрзо да се намали сето она ѓубре што го прескокнуваме и не ни пречи додека предотерани се корзираме. Ѓубрето е наша рефлекција. Доколку не ни пречи, си имаме сериозен проблем“, рече Петковска-Микаровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари