МИЛЕНИЧИЊАТА ВО БИТОЛА ДОБИЈА ПАРК, ЌЕ СЕ ПРАВИ И ПРИФАТИЛИШТЕ НА КУЧИЊА СКИТНИЦИ

    МИЛЕНИЧИЊАТА ВО БИТОЛА ДОБИЈА ПАРК, ЌЕ СЕ ПРАВИ И ПРИФАТИЛИШТЕ НА КУЧИЊА СКИТНИЦИВластите апелираат да се внимава на однесувањето во паркот за миленици. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола e направен парк за миленичиња, ограден простор со реквизити од природни материјали, каде сопствениците ќе можат да ги пуштат кучињата од поводниците. Паркот го направија Општина Битола и ЈП „Комуналец“, а изработена е и локална урбанистичка планска документација за изградба на прифатилиште односно стационар на бездомни кучиња.

    „Паркот за миленичиња е ограден простор каде секој еден граѓанин може со својот миленик да дојде да поужива, да рекреира со него. Но, препорачуваме да се внимава на правилата за однесување зашто грижата мора да биде на сите нас, посебно на оние што најмногу ќе го користат. Она што ќе остане од кучињата како отпад да го стават во корпите, за да можеме и ние да го одржуваме паркот во добра кондиција“, рече Панде Богоевски, директор на „Комуналец“.

    Денес се одржа и јавна презентација и анкета за формирање на градежна парцела за прифатилиште за кучиња. Парцелата ќе биде во близина на полигонот и нема да загрозува никого.

    „Со ова имаме можност да организираме нешто што претставува горлив проблем години наназад и да имаме системско решение за оние кучиња скитници што ги има во огромен број во нашата општина, но и во останатите. Имајќи предвид дека буџетот ни е стабилен, можеме тоа да го направиме за кратко време. На прашањето зошто до сега не е направено, требаше да се изработи и оваа урбанистичка документација и сега е созреан моментот да имаме нешто посуштинско“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира