Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заплови со Вардарската регата. Тој како велешанец со неговите другари од младоста се пушти по Вардар заедно со уште 60-тина други учесници. Министерот нема да патува до Солун, каде е крајната цел на петдневното пловење, туку до Градско. Љутков претходно и како претседател на Советот на Општина Велес има учествувано на регатата.
„Регатата имаше падови и подигнување, се надеваме дека по овие 2-3 години откако стана меѓународна, нема да има проблеми кои се јавувале во минатото. Оваа туристичка атракција како Министерство за првпат ја поддржуваме“, кажа Љутков.
На регатата освен од Македонија има учесници од Ниш, Србија и од Тузла и Брчко од Босна и Херцеговина, кои се рафтери. Тие сакаат да почувствуваат како е да се плови по мирна река, а не како што се учени по брзаци. Има и еден учесник од САД од Мировниот корпус.
„За нив е интересно, тие се рафтери, но сакаат да видат какво е ова спартанско веслање, оти овде нема адреналинско веслање. Може да се рече дека адреналинското во нашиот случај е долгото веслање. Сакаат да проверат како тоа 280 километри се весла за пет дена“, кажа Ангелче Гушев.
Како и претходните години има четири базни логори, каде се преноќева и тоа Криволак и Демир Капија во Македонија и Поликастро и Акропотамис во Грција. Пловењето на гемиџиите низ Грција до Солун е помогнато од извидниците на Солун.
П. ПЕЧКОВ



