МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО МЕЏИТИ ВО ШТИП ПУШТИ ВО УПОТРЕБА ЛАПАРОСКОПСКА И ЕНДОСКОПСКА АПАРАТУРА, НО НЕ КАЖА КОГА ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА И АКЦЕЛЕРАТОРОТ КОИ ПОЧНАА ДА СЕ ГРАДАТ ПРЕД 8 И 10 ГОДИНИ

    МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО МЕЏИТИ ВО ШТИП ПУШТИ ВО УПОТРЕБА ЛАПАРОСКОПСКА И ЕНДОСКОПСКА АПАРАТУРА, НО НЕ КАЖА КОГА ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА И АКЦЕЛЕРАТОРОТ КОИ ПОЧНАА ДА СЕ ГРАДАТ ПРЕД 8 И 10 ГОДИНИПри престојот во Клиничката болница во Штип, министерот за здравство Фатмир Меџити, разговараше со повеќе пациенти кои чекаа за преглед како заеднички да ги подобрат условите и услугите кон пациентите во македонското здравство. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Фатмир Меџити во Штип пушти во употреба лапароскопска и ендоскопска апаратура во вредност од 11 милиони денари со која ќе се вршат над 2.000 прегледи годишно, но не одговори кога ќе бидат готови Клиничката болница и акцелераторот во Штип чии што камен-темелници беа поставени пред 8, односно 10 години.

    Новата Клиничка болница почна да се гради на 3 март 2016 година и беше со почетна инвестиција од 56 милиони евра, а две години претходно почна да се гради и новиот акцелератор во вредност од речиси еден милион евра.

    И двата објекта кои што се комплементарни меѓу себе требаше да се пуштат во употреба во 2018 година, па потоа во пролонгираниот рок во 2020 година, а денес, во 2024 година, овие значајни објекти абер немаат за нивно профункционирање во целост.

    „Изградбата не зависи од мене уште повеќе што наидуваме на многу бирократски процедури, а доаѓаат и избори, но ако јас продолжам еден полн мандат, не Клиничката болница во Штип, туку целото здравство ќе биде под конец и под контрола. Ако продолжам јас, и Клинички центар во Скопје ќе го изградам“, се пофали Меџити.

    „Што се однесува за акцелераторот во Штип, министерот рече дека било направено проектот за акцелераторот да биде поврзан со првичниот проект на Клиничката болница во Штип. Акцелераторот е донесен и со години стои под прашина. Затоа јас го одвоив проектот на акцелераторот од Клиничката болница и сега правиме напори да го ставиме во функција на одделот на радиологија и онкологија, независно од изградбата на Клиничката болница“, додаде Меџити.

    Тој најави дека во февруари ќе биде распишан новиот тендер за доизградба на новата Клиничка болница откако претходно го прекинал договорот, па ги решил банкарските гаранции во износ од 6 милиони евра, а за фирмата која ја прекинала изградбата на Клиничката болница заедно со Државното правобранителство биле поднесени соодветни кривични пријави и од компанијата ќе бара оштета.

    Меџити, сепак кадровското прашање во здравството го издвои како едно од поважните прашања и се пофали дека макотрпно ја убедувал владата вработувањата во здравството да добијат приоритет и задоволен е што успеал повеќе да не бара согласност од министерството за финансии за вработувања во овој чувствителен сектор.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира