МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЀ УНИШТУВА, РЕАГИРААТ АКТЕРИТЕ ОД КУМАНОВСКИ ТЕАТАР ЗА ГОДИШНАТА ПРОГРАМА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЀ УНИШТУВА, РЕАГИРААТ АКТЕРИТЕ ОД КУМАНОВСКИ ТЕАТАР ЗА ГОДИШНАТА ПРОГРАМАТеатар Куманово слави 70 години, а Македонската драма доби по 800.000 за само две претстави, актерите се незадоволни и дека работат без греење на -10 С (Фото: СДК.МК)

    Актерите од Кумановскиот театар (Македонска драма) се незадоволни од Годишната програма на Министерството за култура за 2018, според која добиле средства за само две претстави со вкупен буџет од 1,6 милиони денари. По 800.000 добија претставите „Три зими“ по текст на Теа Штевиќ во режија на Драгана Милошевски-Попова и „Лавиринт“ од Георги Господинов во режија на Милош Б. Андоновски. Актерите прашуваат по кои критериуми и според кои пресметки за два проекти се одделени по 800.000 ден, иста сума, независно од број на ликови во претставата, етаблираност на режисерот и соработниците, авторски права за текстот, дополнителни трошоци за изработка…

    Театар Куманово слави 70 години јубилеј и актерите се надеваа дека тоа ќе биде земено во предвид и годинава театар ќе добие заслужениот третман.

    „Го изразуваме нашиот револт и протест поради долгогодишниот третман со кој се маргинализира, уназадува и уништува нашиот театар. Охрабрени од ветувањата на новиот состав при надлежното Министерство, дека ќе се заложи за пофер дистрибуција на заедничките средства од центарот кон маргините, се понадевавме дека, конечно, некој ќе има слух за нашите заложби. Со големо разочарување констатираме дека, во однос на нас, само се продолжи практиката на дополнително осиромашување на послабиот и зајакнување на позициите на најсилните“, реагираат актерите.

    Тие велат дека ја делат судбината на останатите колеги низ Македонија и работат во неподносливо лоши услови, но од друга страна, се единствените кои секојдневно електронски го евидентираат своето работно време како административни работници, и се единствените дежурни виновници во устата на високите претставници на Министерството и колегите од главниот град, кога сакаат да бројат колку претстави изиграле во годината и ги посочуваат за неработници, без притоа да бидат запознаени со условите во кои тие претстави се работат.

    „Моментално, буквално експериментираме, импровизираме во условите во кои сме препуштени да работиме – со преживување на -10 C, без греење и без кров, со застарена сцена, сала, недоволни простории и само една гримиорна за сите 24 актери. Неколкупати апелиравме за проблемот со кој се соочуваме веќе неколку години – дека е многу тешко, комплицирано да се обезбедат работни задачи за сите актери со два проекти, да се организира работа на два ансамбли во една зграда пред распаѓање, третирани како драмска секција при Центар за култура“, додаваат актерите.

    Театарот Куманово е во состав на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, а физички одделен бидејќи има своја зграда, поради што дел од актерите со години бараат да функционира како независна институција.

    „Никогаш немаме претставник во управен одбор или било какви други одлучувачки позиции (освен еден член, од пет, во програмски совет), немаме увид во парите, оттаму престанете даÈÈ не’ обвинувате за ‘чудното’ трошење на сопствените средства од билети и изнајмување на простори. Понатаму, од 2010 година немаме уметнички директор и скоро никако не учествуваме во креирањето на политиките. Во склоп на зградата на театарот работат два ансамбли, еден на македонски и еден на албански јазик. Поради специфичноста на барањата од страна на македонскиот ансамбл по повод прослава на јубилеј, реакцијата се однесува само на одделените средства за продукција на претстави на македонски јазик“, велат кумановските актери.

    Тие велат дека не сакаат да се споредуваат со другите театри и буџети одвоени за нивната програма, но прашуваат, зарем главната заложба на министерството не е еднакви културни права за сите, а како да се оствари со нискиот буџет?

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира