Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска денеска во населбата Буковски Ливади во Битола извршија увид во реконструкцијата на училиште кое сѐ уште е во фаза на карабина. При посетата Мицкоски не влезе во стариот објект што се реконструира, а претходно беше запуштен и руиниран.
Од реконструктивниот зафат досега се ставени плоча, покрив и некои други реконструкции и зацврстување на градбата. Но, градбата уште има оштетувања, односно дел од тулите однадвор и внатре се изронети, нема прозорци, врати, инсталации, плочки, санитарии и друго.

Градбата уште има оштетувања, односно дел од тулите однадвор и внатре се изронети, нема прозорци, врати, инсталации, плочки, санитарии и друго. (Фото: СДК.МК)
Претставниците на локалната власт најавија дека изградбата на школото ќе биде завршена до крајот на оваа година.
Реконструкцијата започна во мај годинава, по пет години откако градоначалникот Тони Коњановски пред првиот мандат, на локалните избори во 2021 година, вети изградба на ново училиште во населбата Буковски Ливади. Ова е негов втор мандат кој почна во октомври 2025, а училиштето сега се гради со средства од унгарскиот кредит на Владата.
„Во тек се градежни активности со кои се реконструира еден стар објект кој ќе биде подрачно на Основното училиште ‘Коле Канински’. Досега децата од 5-то до 9-то одделение одеа во централното училиште, а заложбата е дечињата да останат да учат во населбата каде што живеат. Објектот е на 2 ката со вкупно 5 училници, заеднички простории, санитарни јазли библиотека и друго, вкупна површина од над 400 квадратни метри, вредност на договорот е 31.470.000 денари (околу 510.000 евра – н. з.) средства обезбедени преку Владата од таканречниот унгарски кредит“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Реконструкцијата започна во мај годинава, по пет години откако градоначалникот Тони Коњановски пред првиот мандат, на Локалните избори во 2021 година, вети изградба на ново училиште во населбата Буковски Ливади. (Фото: СДК.МК)
Министерката за образование Јаневска ѝ честита на локалната самоуправа за инфраструктурниот објект и рече дека 80 деца ќе заштедат време да не патуваат во централното училиште со што ќе се заштедат и пари кои се трошеа за превоз.
„Добро е учениците да го стекнуваат образованието во местото на живеење и добро е што воопшто имаме ученици“, рече Јаневска.
Локалното население од населбата Буковски Ливади премиерот го пречека со развиорени знамиња, погачи, икони, цвеќе. Мицкоски рече дека продолжуваат понатаму со испорачување проекти и дека Битола е еден од нивните главни приоритети.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



