МЛАДИТЕ САКААТ ДА УЧАТ ЗА ГОТВАЧИ И КЕЛНЕРИ, ВО СРЕДНОТО УГОСТИТЕЛСКО УЧИЛИШТЕ ВО ОХРИД УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ БЕСПЛАТНО СМЕСТУВАЊЕ И ХРАНА

    МЛАДИТЕ САКААТ ДА УЧАТ ЗА ГОТВАЧИ И КЕЛНЕРИ, ВО СРЕДНОТО УГОСТИТЕЛСКО УЧИЛИШТЕ ВО ОХРИД УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ БЕСПЛАТНО СМЕСТУВАЊЕ И ХРАНАРегионалниот училишен центар за угостителство и туризам „Ванчо Питошески“ во Охрид има кабунети со најсовремена опрема. (Фото: СДК.МК)

    Охридските угостители и хотелиери ги зголемуваат платите за келнерите и готвачите оти стравуваат дека ќе останат без персонал по масовното заминување на младите надвор од државата. Според менаџментот на Општинското угостителско-туристичко средно училиште „Ванчо Питошески“, проблемот со недостиг од стручен кадар долгорочно ќе биде надминат ако се земе фактот дека расте бројот на учениците кои се одлучуваат за стручно квалификување. Учениците покрај теорија имаат и пракса во хотелско-угостителските објекти каде стекнуваат вештини и знаења за професионален развој.

    „Ги имаме профилите келнер, готвач, коишто се дуални паралелки, а од четиригодишно образование запишуваме угостителски техничар, угостителски техничар за рурален туризам, хотелско-туристички техничар и техничар за настани и анимации. Тоа се профили со четиригодишно образование“, вели директорот Марјан Радески.

    Во минатото, келнер и готвач беа неплатени и неценети професии, но денес сликата е сосема поинаква зашто, според Радески, полека стануваат најбараните профили во земјава, но и во регионот.

    „Сите сме сведоци дека последнте години во регионот има голем недостаток на кадар во туристичко-угостителскиот сектор. Готвачите, келнерите го добиваат своето место на пазарот на трудот и се надевам дека во иднина ќе станат уште поценети и побарани како кадри и ние како училиште придонесуваме во тој развој за унапредување на туризмот, со пласирање на што поголем број работна сила која ќе ги задоволи потребите на стопанството“, додава Радески.

    Регионалниот центар за угостителство и туризам „Ванчо Питошески“ во Охрид има и сопствен ученички дом, каде за учениците има бесплатно сместување и храна. Училишната зграда е реконструирана со нов покрив, дограма, фасада, столарија како и внатрешно уредување на кабинетите со нова најсовремена опрема.

    „Го имаме и ученичкиот дом којшто располага со 120 кревети, каде што учениците може да престојуваат користејќи ги услугите на домот и тоа бесплатно во однос на сместување и храна три оброци, со воспитувачи кои што се грижат за учениците постојано. Тоа е една голема предност“, вели Радески.

    Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, смета дека е потребна уште поголема соработка на бизнис заедницата со средните стручни училишта за кадрите коишто ќе излезат веќе во трета и четврта година да почнат со работа и да имаат професионални ангажмани, договори со коишто ќе ја видат иднината тука.

    „Можеби и платата, ако гледаме со бројот на изработени часови на друго место, и кај нас може да биде слична, сепак е нарушена довербата која прво треба да биде изградена, а потоа да се увиди дека таа струка треба да се врати на вистинските гранки и дека низ годините луѓето кои работат во туризмот и угостителството може да го креираат својот професионален развој дома, додава Јаневски.

    Охридските менаџери во угостителството признаваат дека недостигот на кадар е последица од минатите години, кога имало мали плати, луѓето биле незадоволни, и додаваат дека треба далеку поголема грижа за да можат да ги задржат младите кадри.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира