Премиерот Христијан Мицкоски, прашан што како Влада ќе сторат за да проработи железничката пруга од Битола за Лерин, чија изградба пропадна во 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а ја обнови претходната власт од СДСМ но не успеа да ја стави во функција, рече дека му оставиле „многу експонати и лоповлук“.
„Многу експонати ни оставија, многу споменици ни оставија, дозволете, сите еден по еден ги решаваме, така и оваа секција ќе биде решена. За жал, многу експонати, многу лоповлук, многу криминал. Паралелно тие две работи ги решаваме и технички, но го решаваме и лоповлукот и криминалот“, рече Мицкоски кој денеска присуствуваше на ставање камен-темелник за реконструкција на влезот на Битола од страната на Прилеп.
Првиот кој враќањето на возот за Лерин им го вети на битолчани беше ексградоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески во 2012, но не го оствари. Пругата кон Грција од неговото предизборно ветување почна да се гради дури во 2016 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, преку проект финансиран од ЕУ. Но, тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Поради ова, постоеше реална опасност Македонија да ги загуби европските пари.
Во меѓувреме, во 2017 на власт дојде СДСМ, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проектот чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра европски ИПА средства, а 11 милиони евра од буџетот на државата. До 2019 се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, во должина од 17 километри.
Надлежните во повеќе наврати одговараа дека за да свирне возот од Битола за Лерин треба да се договорат уште некои технички детали, но до тоа не дојде. Наместо за Грција, низ пругата неколку месеци возеше воз до село Жабени кај индустриската зона, што за многумина беше пародично.
Годинава се навршуваат шест години откако пругата од 17 километри само од Битола до грчката граница се реновира и догради и пет години откако се тестираше за сообраќај, а по неа уште нема меѓународени возови.
Да се искористеа парите за осовременување на патната инфаструктура, сега Битола можеше да има автопат за Грција, како оној од Лерин до граница. Но, фразата „повторно да свирне воз од Битола за Лерин“ за политичарите звучеше попримамлива.
Од осамостојувањето на Македонија преку македонско-грчката граница кај Лерин не минал воз. Пругата од Битола за Солун била изградена пред 128 години, а во текот на нејзиното славно минато во Битола со воз допатувале многу војници, патеписци, конзули, па и историски личности, како и турскиот султан Решад Петти во 1911. И во турско Битола имала подобар железнички сообраќај од денешниот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА