МОНОКСИЛОТ НА ДНОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО НАЈДОБРО Е ДА ОСТАНЕ ТАМУ, СМЕТА АРХЕОЛОГОТ ПАСКАЛИ

    МОНОКСИЛОТ НА ДНОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО НАЈДОБРО Е ДА ОСТАНЕ ТАМУ, СМЕТА АРХЕОЛОГОТ ПАСКАЛИ„Пловниот објект како што го нарекуваме моноксил, најдобро е да остане на местото каде што е потопен. Конзервацијата на дрвени предмети како што се вакви пловни објекти е многу скапа, долготрајна и ризична“, вели археолгот Паскали (Фото: Н. Паскали)

    Дрвениот чамец моноксил кој се наоѓа на езерското дно кај Свети Наум, за кој некои велат дека датира од праисторија, најдобро е да остане таму каде што беше досега, вели археологот и нуркач Никола Паскали кој пред десет години со Александар Булески го откри овој раритет кој го криеше Охридското Езеро.

    За моноксилот охридските нуркачи дознале случајно.

    „Миле од Љубаништа уште како дете пливал и играл околу моноксилот. Во 2009 приказната за дрвениот чамец му ја кажа на Александар Булески. Истата година започнавме со теренски и кабинетски истражувања. Интересно е што до сега во ниедна литература немам сретнато аналогија на овој чамец“, вели археологот Паскали кому специјалност му е подводната археологија.

    Иако има претпоставки дека моноксилот потекнува од праисторијата, Паскали вели дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди периодот кога е направен.

    „Вака само можеме да претпоставуваме, моноксилот мора прецизно и детално да се истражи и точно ќе знаеме во кој период бил користен. Во контакт и соработка сум со словенечки колеги. Моноксилот е сочуван, секоја година ја контролираме неговата состојба и досега е констатирано само мало затрупување од наноси на песок, но тоа е добро, природно се конзервира во милта”, вели Паскали.

    Иако има претпоставки дека моноксилот потекнува од праисторијата, Паскали вели дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди периодот кога е направен (Фото: Н. Паскали)

    Археолозите сметаат дека моноксилот треба да остане таму каде што е потопен.

    „Пловниот објект како што го нарекуваме моноксил, најдобро е да остане на местото каде што е потопен. Конзервацијата на дрвени предмети како што се вакви пловни објекти е многу скапа, долготрајна и ризична. Најдобро е да се направи реплика да служи за музејска поставка. За моноксилот знаат и во Охридскиот музеј, а во времето кога го откривме имаше силен одек во јавноста, но никој не покажа интерес за да продолжиме со истражувањата. Тоа ќе го направам со мојот ментор Миран Ерич од Словенија”, додава Паскали.

    Паскали има интересна идеја за презентација на моноксилот пред пошироката јавност.

    „Од моноксилот треба да се направи реплика, а оргиналот да стои на местото каде што е потопен. Ако остане во вода може да се користи како туристичка атракција, да се носат луѓе со нуркање, со маски и пераи, пливање, сите ќе можат да го посетуваат. Но, ако се користи како атракција ќе треба да се одредат правила за заштита од оштетување. Има стандарди за менаџирање на вакви локалитети, не треба ништо да измислуваме, само треба да го чуваме нашето културно и природно богатство”, кажа Паскали.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари