МОСТОТ И ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ЌЕ БИДАТ СИМБОЛ НА СКОПЈЕ, ВЕЛИ ПРОЕКТАНТОТ БОРИС ТАНЕСКИ

    МОСТОТ И ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ЌЕ БИДАТ СИМБОЛ НА СКОПЈЕ, ВЕЛИ ПРОЕКТАНТОТ БОРИС ТАНЕСКИГрадоначалникот Шилегов кажа дека согласно со договорот, изработката на основниот и инфраструктурниот проект треба да заврши до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година да се избере изведувач. - Од потпишување на договорот за проектирање. (Фото: СДК.МК)

    За 6 месеци ќе биде готов проектот за тунели под Кале. Градоначалникот Петре Шилегов денеска потпиша договор со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ и Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје за проектирање на сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале.

    Покрај турските проектанти, на новата сообраќајница ќе работи Борис Танески од Заводот за испитување на материјали, кој ги проектирал булеварите Илинденска и Климент Охридски.

    „Оваа сообраќајница која што е зацртана во Генералниот урбанистички план уште во 1964 година ќе биде бисер на градот. Свесни сме дека ќе биде скап, тежок и сложен проект, но ќе биде од големо значење за градот, растеретување на сообраќајот и поврзување на двете страни на Скопје“, рече Танески.

    Градоначалникот Шилегов кажа дека согласно со договорот, изработката на основниот и инфраструктурниот проект треба да заврши до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година да се избере изведувач.

    „Потпишувањето на овој договор за ваков капитален проект на денот на мојот 50 роденден е најубав подарок кој досега сум го добил. Догодина очекуваме да се избере фирма изведувач и според нашите проценки градбата би траела околу 2 години, што значи 2022 година сообраќајницата ќе биде готова. Со ова сообраќајно решение на граѓаните на Скопје ќе им биде овозможено од Водњанска до Чаир со автомобил да стигнат за помалку од 5 минути“, рече Шилегов.

    Изградбата на тунелите под Кале би чинела околу 30 милиони евра за што Град Скопје ќе бара помош од Владата.

    Мостот кој ќе се гради преку Вардар како што кажаа Шилегов и проектантот Танески ќе биде новиот симбол по кој Скопје ќе биде препознатлив.

    „Кога ќе го проектираме мостот ќе се водиме од тоа тој да не биде обичен, туку со посебен и модерен изглед“, рече Танески.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира