МОТОРИ И НАТАМУ ДИВЕАТ НИЗ БУЛЕВАРИТЕ, МВР ВЕЛИ ДЕКА КАЗНИЛЕ 330 МОТОРЏИИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ

    МОТОРИ И НАТАМУ ДИВЕАТ НИЗ БУЛЕВАРИТЕ, МВР ВЕЛИ ДЕКА КАЗНИЛЕ 330 МОТОРЏИИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИСкопските булевари и понатаму ноќно време се претворени во патеки за трки и дивеење на моторџиите. - Булеварот Партизански одреди (Фото: СДК.МК)

    Не престануваат трките и брзото возење на моторџиите низ скопските улици. Булеварите Партизански одреди, Илинденска, Првомајска, Јане Сандански и понатаму ноќно време се претворени во патеки за трки и дивеење на моторџиите. Мотори шибаат низ улиците и преку ден.

    Пред два месеци министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот Твитер профил објави дека МВР ќе стави крај на овој проблем.

    „Полицијата сервис на граѓаните, крај на дивите трки и побезбедни улици“, напиша Спасовски.

    Граѓаните реагираат дека од најавата на Спасовски за безбедни улици, нема ефект. Тие иако постојано пријавуваат во полиција и апелираат на социјални мрежи да се засилат контролите на улиците, полицајците никаде ги нема.

    „По најавата на министерот Спасовски дека ќе го реши проблемот со трките и дивеењето на моторџиите, еден период имаше полиција на булеварите и се намалија насилниците. Но, акцијата кратко траеше и низ улиците повторно владее хаос. Страшно е навечер да излезеш на Партизанска, од секаде летаат мотори“, вели скопјанка, која живее во населбата Карпош 1.

    Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека се на терен и во изминативе месеци санкционирале голем број граѓани кои со мотори возат со голема брзина.

    „Одделението за безбедност на патниот сообраќај во периодот од јуни до август спроведе зајакнати акциски контроли за прекршоци што ги чинат возачи на велосипеди со мотор и мотоцикли при што санкционирани се вкупно 327 прекршители. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува санкции по повеќе членови од истиот, а глобите кои се предвидени изнесуваат од 10  до 500 евра во денарска противвредност во зависност од  прекршок што го сторил учесникот во сообраќајот“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    Според податоците од МВР, изминативе три месеци во Скопје направени се 97 сообраќајки во кои учествувале модепи и мотоцикли.

    „Од страна на  СВР Скопје  – Одделението за превенција се преземаат  и превентивни мерки односно се реализира активност ‘Посебна воспитна мерка – сообраќајна поука’  на која присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци во својство на возачи на велосипеди со мотор , мопеди и мотоцикли.  Во периодотод јуни до август  реализирани се 10 активности во кои се опфатени 187 граѓани кои ги прекршиле сообраќајните правила и прописи“, додаваат од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира