МОЖЕ ДА СЕ ПИЕ ВОДАТА ОД ПРИРОДНАТА ЧЕШМАТА СРЕДЕ БАШИНО СЕЛО И ОД ВОДОВОДОТ ВО СЕЛО ИВАНКОВЦИ, ВЕЛЕШКО

    МОЖЕ ДА СЕ ПИЕ ВОДАТА ОД ПРИРОДНАТА ЧЕШМАТА СРЕДЕ БАШИНО СЕЛО И ОД ВОДОВОДОТ ВО СЕЛО ИВАНКОВЦИ, ВЕЛЕШКОВодата од природната чешма во Башино Село покажува непостојан квалитет и во текот на годината се случува да има анализи дека водата е загадена. (Фото: СДК.МК)

    Симната е неколкумесечната забрана на водата за пиење од природната чешма во Башино Село и од водоводот во село Иванковци и може да се користи за пиење, соопштија од Општина Велес. Забраната поради утврдените неправилности во квалитет беше изречена од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

    Водата од природната чешма во Башино Село покажува непостојан квалитет и во текот на годината се случува да има анализи дека е загадена. Анализите на примероците на вода земени од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес на 7, 11 и 14 септември покажале дека водата може да се пие и од природната чешма во месноста Шорка, која како и таа од Башино Село велешани масовно ја користат за пиење. Со исправен квалитет се водите во село Сливник, како и водата од школото и чешмата среде село Црквино. Сите тие одговараат согласно прописите за безбедност на водата.

    Во последните 11 контролирани природни чешми и водоводи во Велес и селата, водата не е исправна за пиење на шест локации: од природната чешма Пузево трло,  од хидрофорот во Бузалково, во село Клуковец од бунарот кај продавницата, во Раштани селскиот водовод и горната чешма и во школото во Башино Село. Во сите е констатирано присуство на аеробни бактерии и бактерии индикатори на фекално загадување.

    Центарот за јавно здравје Велес препорачува да се изврши асанација на објектите и околината и да се воспостави редовна дезинфекција на водата или таа да се преврива за да може да се користи како вода за пиење.

    П.ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира