МОЖЕМЕ И УМЕЕМЕ И НЕ СМЕ ПОРАЗЛИЧНИ ОД ВАС, ВЕЛИ СЛИКАРКАТА СО УСТА РОЗА МОЈСОВСКА

    МОЖЕМЕ И УМЕЕМЕ И НЕ СМЕ ПОРАЗЛИЧНИ ОД ВАС, ВЕЛИ СЛИКАРКАТА СО УСТА РОЗА МОЈСОВСКАРоза Мојсовска, која слика со уста и објавува поезија, во Струмица ја промовираше кампањата за поголема инклузија на лицата со посебни потреби (Фото: СДК.МК)

    „Можеме и умееме и не сме ништо поразлични од вас“, е пораката на лицата со посебни потреби од Струмица кои побараа поголема интеграција во заедницата, но и институционална поддршка од државата. За да покажат дека не се ништо поразлични, тие пред струмичани ги изложија делата што ги имаат работено и покрај нивниот хендикеп. Уметнички слики, ракотворби од текстил, дрво и керамика беа само дел од експонатите кои лицата, членови од повеќе здруженија, ги презентираа на иницијатива на Роза Мојсовска од Заводот за рехабилитација Бања Банско, која слика со уста и има издадено неколку поетски дела. Таа со дневниот центар „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје имаат намера да посетат повеќе градови за да ја подигнат свеста за поголема интеграција на лицата со посебни потреби.

    „Ова е наша трибина со изложба на ракотворби на тема ‘Можеме и умееме’ за да докажеме дека умееме да твориме и да бидеме корисни во заедницата. Сакаме да нè прифатите како нормални луѓе, оти ние не сме поразлични од вас. Досега бевме во Скопје, Кавадарци, Штип. Нашата мисија ќе продолжи и во иднина. Преку ракотворбите сакаме да докажеме дека постоиме“, рече Мојсовска.

    На трибината, Мојсовска го изложи дел од нејзиното уметничко творештво за кое вели дека е нејзиниот глас оти и покрај хендикепот постои и го победила мракот во нејзиниот жиивот. Освен делата на Роза, пред струмичани се најдоа и и многуте везеници, плетива, грнчарски производи кои се изработувани од струмичките деца со посебни потреби со помош на нивните родители и наставници.

    „Ова е добар настан за интеграција на нашите деца. Преку продажбата на нивните ракотворби се чувствуваат достоинствени, дека вредат. Испраќаат порака дека тука се меѓу сите нас и дека се жедни за заедница со еднакви права, без дискриминација“, рече Соња Сачевска, родител на дете со посебни потреби.

    Трибината во Струмица ја подржаа повеќе институции и јавни личности.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира