МОЖНО Е БИТОЛСКОТО СЕЛО ЦРНОБУКИ ДА Е АНТИЧКИОТ ГРАД ЛИНК КАДЕ БИЛА РОДЕНА БАБАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ, ВЕЛАТ ОД БИТОЛСКИОТ МУЗЕЈ ЗА ИЗЛОЖБАТА „ПРИКАЗНИ ОД ГРАДИШТЕ“

    МОЖНО Е БИТОЛСКОТО СЕЛО ЦРНОБУКИ ДА Е АНТИЧКИОТ ГРАД ЛИНК КАДЕ БИЛА РОДЕНА БАБАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ, ВЕЛАТ ОД БИТОЛСКИОТ МУЗЕЈ ЗА ИЗЛОЖБАТА „ПРИКАЗНИ ОД ГРАДИШТЕ“„Постојат мислења дали се работи за градот Персеида, оформен од Филип Петти како одбрана од продорот на Римјаните, или пак се работи за градот Линк, главен град на петото македонско кралство, во кој е родена мајката на Филип Втори, односно бабата на Александар Велики, но сепак би причекале со натамошните истражувања да потврдиме една од нив“, рече Енгин Насух, археолог советник-кустос во Завод и музеј Битола. (Фото: СДК.МК)

    Монети на македонски кралеви, меѓу кои и сребрена со ликот на Александар III Mакедонски и уште 217 сребрени монети од републиканскиот римски период (од 104 до 41 година пред нашата ера), откриени во археолошкиот локалитет кај битолското село Црнобуки, се поставени на изложбата „Приказните на Градиште“ во Завод и музеј Битола. Збирката со римски монети веројатно е најголемото досега откриено депо на сребрени монети од тој период во Македонија.

    Сите артефакти откриени во Градиште изминативе пет години, покажуваат континуиран живот од 1000 години во населбата. Таа се датира од енеолитот и бронзеното време, од кога се најдени и изложени камени секири, па до крајот на старата ера, со последната откриена монета од Октавијан Август.

    „Постојат мислења дали се работи за градот Персеида, оформен од Филип Петти како одбрана од продорот на Римјаните, или пак се работи за градот Линк, главен град на петото македонско кралство, во кој е родена мајката на Филип Втори, односно бабата на Александар Велики. Во овој момент би било неблагодарно да се каже такво нешто. Јас сум склон на оваа втора теорија, но сепак би причекале со натамошните истражувања да потврдиме една од нив“, рече Енгин Насух, археолог советник-кустос во Завод и музеј Битола.

    Според него, се работи за македонски град, кој подоцна со освојувањата станува римски, но домицилното население останува. Градот се простирал на поголема површина, со сложена мрежа на улици и објекти и силни трговски врски, што го потврдуваат монетите.

    „Истражувања многу ќе придонесат за сознанијата за таа античка македонска држава, за римското владеење на овие територии и воопшто за луѓето кои живееле овде. Досега имаме загребано само по површината на локалитетот, ни треба уште многу“, вели Насух.

    Дел од истражувањата беа финансирани од државата, но се спроведоа и во соработка со екипа предводена од професорот Николас Ангелоф од Универзитетот „Кал Поли Хамболд“ од Арката, Калифорнија, САД. Во рамки на истражувањето беше извршено снимање со помош на ласерски скенер и со ГПР радар за геофизичко длабинско снимање, како и анализи со метода Ц14 (дрво, изгорени коски, јаглен) направени на Универзитетот во Остин, Тексас, САД. Меѓу артефактите најдена е и влезница за театар од старо време.

    „Имаме артефакти кои навистина се ретки или единствени, како што е коскената влезница за театар, на која пишува во кој ред и кое седиште седеле посетителите. Таа е единствена од тој период“, рече директорот на Завод и музеј Битола, Зоран Николовски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира