МУРАЛОТ НА ПАВЛЕ КУЗМАНОВСКИ УНИШТЕН ПРИ РЕНОВИРАЊЕТО НА ТЕТОВСКАТА ГИМНАЗИЈА ОДНОВО НАСЛИКАН НА ПЛАТНО

    МУРАЛОТ НА ПАВЛЕ КУЗМАНОВСКИ УНИШТЕН ПРИ РЕНОВИРАЊЕТО НА ТЕТОВСКАТА ГИМНАЗИЈА ОДНОВО НАСЛИКАН НА ПЛАТНОДелото на Кузмановски сега го краси ѕидот во холот на основното училиште „Братство-Миѓени“ во Тетово (Фото: З. Андонов)

    Муралот на академскиот сликар Павле Кузмановски, кој годинава беше уништен при реконструкцијата на тетовската гимназија, повторно заживеа, овојпат како уметничка слика. Таа го краси ѕидот во холот на основното училиште „Братство-Миѓени“ во Тетово. Благодарение на неколкумина ентузијасти и донатори, беа собрани пари за бои и материјал, а Кузмановски без надомест повторно го наслика ова свое дело и така го спаси од заборав.

    „Сето ова е направено во една брза, ефикасна и спонтана желба на повеќе луѓе во градот. Помошник директорот на ‘Братство-Миѓени‘, Небојша Арсиќ, дојде кај мене со предлог дали има можност делото да се обнови, но сега во неговото училиште, затоа што имаат таков простор. И така почна, но се појавија повеќе технички пречки. Прво видовме дека ѕидот не е адекватен за да се слика мурал на него, па решивме да биде насликан на платно со димензии два со четири метри. Тоа се нешто помали димензии од оригиналот во тетовската гимназија. Сликата ја работев во моето ателје, а ми требаа 40-ина работни денови. Бидејќи ги немав оригиналните скици од муралот, работев според една фотографија од Зоран Андонов од 2008 година. Покрај возраста, голем предизвик за мене беше и самото сликање, зашто мојот стил сега е многу поразличен од тој кога го правев муралот во гимназијата. Навистина сум среќен што ова мое дело повторно заживеа“, вели 82-годишниот академски сликар Павле Кузмановски.

    Муралот во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ беше насликан во 1966 кога Кузмановски како дипломец на Академијата за применета уметност во Белград, на негово барање, добил одобрение од наставничкиот колектив да наслика мурал на тема образование.

    „Муралот го работев за време на зимскиот распуст во периодот јануари-февруари 1966. И сега, кога ќе се сетам на тој период, самиот се чудам како можев толку брзо да го направам. Покрај овој мурал, имам направено уште неколку, во фирмата „Жито Полог“, во стариот Противпожарен дом, кој исто така веќе го нема бидејќи објектот е срушен“, се присетува Кузмановски.

    Муралот „Образование“ годинава беше отстранет од ѕидот со образложение дека бил многу оштетен и дека, според проценката на инспектори од подрачната единица за образование, не бил од национално значење за да биде зачуван. Досега никој не е санкциониран за уништувањето на ова уметничко дело.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира