МУЦУНСКИ НЕМА ДА ГИ ПРАВИ ГОЛФ ТЕРЕНИТЕ НА МАРИН, ВЕЛИ ИМА ПОПРИОРИТЕТНИ ПРОЕКТИ ЗА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

    МУЦУНСКИ НЕМА ДА ГИ ПРАВИ ГОЛФ ТЕРЕНИТЕ НА МАРИН, ВЕЛИ ИМА ПОПРИОРИТЕТНИ ПРОЕКТИ ЗА ОПШТИНА АЕРОДРОМ„Голф терените не се фокус на внимание земајќи ги предвид наталожените проблеми“, вели градоначалникот Муцунски. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски нема да ги прави голф терените во Долно Лисиче, кои како проект ги најави ексградоначалникот Златко Марин. Муцунски смета дека во моментов за жителите на Аеродром има многу други поприоритетни проекти од голф терени.

    „Во моментов, тоа воопшто не ни е примарен фокус. Сметаме дека Општината има многу поголеми приоритети од инвестиција во голф терени. Не е тоа во моментот наш фокус на внимание, земајќи го предвид наталожените проблеми“, вели Муцунски.

    Во моментов, како што вели Муцунски, за тој дел од Општината почната е постапката за носење Детален урбанистички план, што е од голема важност за жителите.

    „Во тек е јавната анкета, беше одржана јавна презентација на која имаше голем интерес од граѓаните заради решавање на нивните имоти. Таму нема да има згради, туку со планот им ги решаваме имотите на граѓаните, со што ќе можат да си ги остварат своите права за изградби, надградби, доградби и други урбанистички потреби. Од аспект на идни комуналии овој план воопшто не е атрактивен, но е реална потреба за граѓаните. Ќе биде предвидена и градинка, затоа што во моментов во Лисиче нема ваков објект“, вели Муцунски.

    Општина Аеродром ги најави голф терените во јануари лани, при презентацијата на проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. За реализација на овој проект беше потпишам и Меморандум за соработка со Голф федерацијата на Македонија. Терените, според идејата на Марин, требаше да се градат во руралниот дел на Општина Аеродром односно во селото Лисиче и да се протегаат на површина од 15 хектари. Како што кажа тогаш градоначалникот Марин, за нивна изградба и ставање во функција се потребни 2,5 милиони евра, кои ќе се обезбедат преку Европската унија со грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира