МВР И СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО СЕ РАСПРАВААТ ЗОШТО БИЛЈАНА ИВАНОВСКА ДОБИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ДЕНТА КОГА ЈА ОБЈАВИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР

    МВР И СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО СЕ РАСПРАВААТ ЗОШТО БИЛЈАНА ИВАНОВСКА ДОБИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ДЕНТА КОГА ЈА ОБЈАВИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ЦЕНТАРИвановска го одбила предлогот на обвинителката исказот да го даде по изборите, и ќе оди во Обвинителство на 19 август. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи (МВР)  соопшти дека не води никаква постапка  против кандидатката за градоначалничка на Општина Центар Билјана Ивановска, која е поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), и оти за сите одговори за случајот е надлежно Обвинителството. Ивановска, која вчера ја објави кандидатурата за градоначалничка на престојните Локалните избори поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, денеска објави дека синоќа полицајци затропаа на нејзината врата за да ѝ врачат кривична пријава.

    „Против неа МВР не води никаква постапка. За сите пријави и постапки кои што ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со истите“, соопшти МВР.

    Ова МВР го кажа откако Обвинителството цел ден се објаснува со новинарите и со јавноста дека обвинителката Адела Бојчевиќ од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје побарала од МВР на Ивановска покана  да ѝ се достави на 25 јули, а не  вчера, на 14 август, кога полицајците во 21.30 часот за таа цел отишле кај неа дома. ОЈО тоа го побарало на датум кога воопшто никој не знаел дека Ивановска ќе се кандидира  за политичка функција, а дека полицијата нашла згодно време поканата за разговор во ОЈО да ѝ ја достави токму на 14 август, или 11 часа откако таа објави дека ќе се кандидира за градоначалничка на Општина Центар поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“.

    Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ни изјавија дека јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари годинава и презема дејствија за да ги провери наводите.

    „Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата. Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и и даде можност доколку сака и доколку исказот во јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите. Приватна пријава е, не сме во можност да споделиме детали додека не се проверат наводите дали воопшто има основ. Обвинителството не би ни објавило дека е пријавена ако сама не обзнанеше“,  велат од Обвинителството.

    Но, Ивановска не го прифатила предлогот за одложување и рече дека ќе оди на сослушување во ОЈО на 19 август.

    „Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација. Ние со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Јас навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвнителството како надлежна институција“, кажа Ивановска во објавата дека синоќа добила кривична пријава.

    Скопското обвинителство вели дека поканата за Ивановска се поклопува со моментот кога ја објави својата кандидатура, зашто во меѓувреме се преземале други дејствија, а пријавениот вообичаено останува да се повика на крајот.

    Ивановска беше претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата од 2019-2024, каде дојде од местото самостојна ревизорка во Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Ивановска вчера и официјално беше претставена како кандидатка на „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар, поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.

    Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира