МВР ОДОБРИ 24-ЧАСОВНА ПОЛИЦИСКА ЗАШТИТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА

    МВР ОДОБРИ 24-ЧАСОВНА ПОЛИЦИСКА ЗАШТИТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКАМВР денеска поднесе кривична пријава против две лица, С. Љ. и С. Љ., по член 386 став 3 од Кривичниот законик за вчерашниот напад врз градоначалничката Арсовска. (Фото: Принтскрин од видео на Инфомакс)

    Министерството за внатрешни работи (МВР) одобри 24-часовно обезбедување на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, откако таа вчера беше нападната на Бит Пазар при увид на дивоградба спроти Полициската станица во Чаир.

    „По вчерашниот инцидент во Општина Чаир, врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесена е одлука за определување 24-часовни мерки за обезбедување на градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска. Градоначалничката во текот на денешниот ден ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита. Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски“, соопшти МВР и додаде дека денеска поднесе кривична пријава против две лица, С. Љ. и С. Љ., по член 386 став 3 од Кривичниот законик за вчерашниот напад врз градоначалничката Арсовска.

    Од таму велат дека и покрај тоа што Арсовска во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, МВР постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава согласно законот и воспоставените процедури и ги објавија хронолошки конкретните случаи.

    „На 01.06.2025 година, г-ѓа Арсовска била изложена на закана од возило во движење. Иако нејзината првична реакција не вклучувала информирање на МВР, полицијата веднаш постапи по сопствени оперативни сознанија, обезбедувајќи материјални докази. Веќе е поднесена кривична пријава по член 144 став 4 од Кривичниот законик против едно лице.
    На 02.07.2025 година, градоначалничката преку социјалните мрежи пријави закана од лице за кое беше посочено дека е полициски службеник. На 03.07.2025 година, инспектори од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди извршија службена посета на Град Скопје, утврдија фактичка состојба и земаа изјава од градоначалничката, при што беше сочинет соодветен записник. Против пријавениот полициски службеник е поведена дисциплинска постапка. На 05.07.2025 година, во јавноста беа објавени информации за закани упатени кон советничката Ирена Витина. Веќе на 08.07.2025 година, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди воспостави контакт со советничката и иако таа одби да дојде во полициска станица, службени лица повторно извршија теренска посета. И овој случај се работи согласно пропишаните процедури. На 11.07.2025 година, по инцидентот во Општина Чаир, г-ѓа Арсовска по укажаната лекарска помош се упати во полициска станица, а исто така веднаш беа приведени и лицата кои беа посочени дека ја нападнале. Сепак, градоначалничката одби да потпише записник за примање на пријава и ги напушти просториите на полициската станица. Во јавноста повторно се обрати исклучиво преку социјалните мрежи, без да ги информира надлежните институции на соодветен начин“, вели МВР и „најостро ги отфрла сите обвинувања“ дека не постапува во случаите поврзани со Арсовска.

    МВР апелира и до сите јавни функционери „да соработуваат со институциите на системот и да не ја користат јавноста или медиумите како единствен канал за известување за потенцијални закани, туку најпрво да се обратат до надлежните органи, со цел навремено и ефикасно постапување““.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира