МВР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ЌУРА ОТИ НАЗНАЧИЛ ДИРЕКТОР БЕЗ СООДВЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ И СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК

    МВР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ЌУРА ОТИ НАЗНАЧИЛ ДИРЕКТОР БЕЗ СООДВЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ И СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИКЌура назначил в. д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, без соодветно образование и сертификат за познавање англиски јазик, што е спротивно на Законот за јавни претпријатија. (Фото: СДК.МК)

    Надворешната канцеларија за криминалистички работи на Министерството за внатрешни работи (МВР) во Струга поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура, поради сомнение за сторено кривично дело Несовесно работење во службата. Тој назначил в. д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, без соодветно образование и сертификат за познавање англиски јазик, што е спротивно на Законот за јавни претпријатија.

    За функцијата бил назначен Меџијаит Јусуфоски од Струга, иако градоначалникот, според МВР, знаел дека лицето не ги исполнува законските услови и со тоа му овозможил противправно да оствари парична корист по основ на плата и придонеси како директор на јавното претпријатие.

    „На 18 ноември 2025 година, во својство на градоначалник на Општина Струга, спротивно од Законот за јавни претпријатија, донел одлука за именување на вршител на должност директор на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, со која го назначил М. Ј. од Струга и покрај тоа што знаел дека нема соодветно образование и соодветен сертификат за познавање на англиски јазик и не исполнува повеќе услови од Законот за јавни претпријатија“, велат од МВР.

    Од Кабинетот на струшкиот градоначалник велат дека назначувањето на Меџијаит Јусуфоски како вршител на должност е итно решение направено во момент кога ЈП „Водовод и канализација“ било на работ на колапс. Оттаму додаваат дека тој успеал за само три месеци да ги удвои приходите и да ја стабилизира состојбата на претпријатието.

    Јусуфоски на 12 февруари поднесе оставка од морални причини поради состојбата со загадената вода во Струга, а на негово место е назначен Јованчо Мечкароски.

    Судски постапки за незаконско поставување на директори во основни училишта претходно се водеа и против поранешниот градоначалник Рамиз Мерко. Судот го прогласи за виновен за кривичното дело Несовесно работење во службата и го осуди на парична казна од 10.000 евра.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира