Многу ниските температури, кои деновиве паднаа до -20 степени Целзиусови, ја зголемија потрошувачката на вода во Битола како среде лето. Од Нова година до денеска, во просек се трошат по 680 литри вода во секунда, како во најтоплите денови во текот на летото. Битолчани преку ден и ноќ ги оставаат чешмите да течат за да не замрзнат водоводните цевки и да им се направат штети во домовите и работните места.
„Граѓаните поради стравот да не им замрзне водата во чешмите, особено во надворешните чешми и во куќите, ги оставаат отворени славините. Така, потрошувачката на вода овие денови е зголемана за дури 25 проценти, односно 680 литри во секунда. Колку за споредба, во најголемата горештина, во шпицот на летото, потрошувачката се движи од 500 до 620 литри во секунда“, вели Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“ во Битола.
Од „Водовод“ велат дека и вода има во доволни количини и покрај зголемената потрошувачка. Од Нова година до денеска, повеќе од триесеттина граѓани пријавиле дека од студот им испукале стаклата на водомерите. Инаку, нема поголеми дефекти на водоводната мрежа, освен еден на цевководот кон РЕК Битола, кај Долно Оризари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА