На 30 март ќе се одржи вториот меморијален марш во чест на Благојче Илијевски, кој во 2023 почина на 45 години од цистична фиброза, чекајќи државата да го набави лекот „трикафта“. Асоцијацијата за цистична фиброза на Македонија го нарече Илијевски свој херој, зашто неговата трагична смрт ги спаси сите останати кои по него добија право на лек.
Маршот се организира по повод 27 март, роденденот на Илијевски, со водичи од планинарското друштво „7 мај“ од Битола. Се поаѓа од 10 часот кај винарија „Чифлик“ во близина на село Брусник, Битолско, а потоа турата продолжува до Дихово и назад кон село Брусник.
Илијевски повеќе години се бореше со цистична фиброза. Во 2023 беше меѓу осумтемина пациенти со најитна потреба од лекот, но не дочека државата да обезбеди средства за набавка и почина на 8 февруари 2023. Битолчани критикуваа дека тој е жртва на здравствениот систем во земјава и дека е недозволиво во денешно време да умираат луѓе од болест за која постои лек. Ден по неговата смрт, тогашниот минитсер за здравство Беким Сали соопшти дека се обезбедени буџетски средства за „трикафта“ за 8 болни од цистична фиброза.
Ж. ЗДРАВКОВСКА