Со изведување на дел од писмените докази, во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судењето на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени за неиздавање дозвола за градба.
На предлог на одбраната, беа доставени писмени одговори од Секторот за урбанизам од Општина Куманово, додека недостасуваше одговор од Секторот за комунални дејности, а на рочиштето не дојде ни сведокот Емилија Сларидис-Јаневски, секретар во Општина Куманово бидејќи била на службено патување.
Одбраната денеска предложи нови сведоци, и тоа поранешниот секретар на Општината Александар Гелевски кој веќе сведочеше, и уште две вешти лица, на што регираше обвинителката, а судот не го прифати предлогот.
„Со вклучување на вешти лица одбраната се обидува да ја одолговлекува постапката, во која веќе нема што да дополнат во однос на доставените докази од обвинителството. Добро е што судот ваквиот предлог го одби, и на 4 јули ќе се изведе уште тој еден вербален доказ и ќе има завршни зборови, со што конечно ќе биде завршено ова судење. Во текот на постапката имаше 6 одлагања на судењето на барање на одбраната, што поради отсуство на обвинетиот, што поради отсуство на неговите бранители“, кажа адвокатот на оштетените Виктор Божиновски.
За наредното рочиште на 4 јули судијката Маја Денковска побара сите странки во случајот да се подготват за завршни зборови.
Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик. Бизнисмените сега бараат оштета од 3.3 милиони денари. Судскиот процес започна на 2 април 2024 година.
С. НИКОЛИЌ